вторник, 24 ноември, 2020
Реклама

(ВИДЕО) Трета победа во третиот меч од првенството за Борец Баскет

Кошаркарите на велешки Борец Баскет продолжуваат со серијата победи во новото првенство од Втората кошаркарска лига – исток. Во третото коло попладнево во Велес успеаја да слават над екипата на Баскет КАМ со 79:70 (17:23, 20:16, 19:17, 23:14), благодарејќи на доминантната игра во последната четвртина, кога и го скршија отпорот на одличните гостински кошаркари.

Гостите од Македонска Каменица беа подобри само во првата четвртина од мечот, која ја добија со шест поени разлика. Во тој период функционираше шутот од далечина на Баскет КАМ, па Бајрам и Делипетров со серија тројки беа нерешлива енигма за велешани.

Во втората четвртина домашните заиграа подобро во одбрана и полека ја топеа предноста на противникот. Во еден момент и поведоа, но кошаркарите на Баскет КАМ брзо го вратија водството. Во овој дел кај Борец Баскет одлична партија имаше Игор Темелковски, кој играше подеднакво добро и во одбраната и во нападот. На одмор се замина со два поени предност за гостите од Македонска Каменица.

Третиот период од играта донесе изедначена кошарка. Гостите го контролираа резултатот, но велешките кошаркари не дозволија противникот да им се одлепи. Во овој дел од играта проработи тандемот Брчков – Виларов, кој во играта два на два успеа во повеќе наврати или да поентира или да изнуди лична грешка. Нив им се придружи и младиот 19-годишен Суад Карталовиќ, а се посигурни беа и Котевски, Стојменов и Темелковски. Сепак, гостите ги имаа расположените Делиептров и Бајрам, кои ја одржуваа рамнотежата.

Во последната четвртина се влезе со „егал“ 56:56. Но, велешани ја стегнаа одбраната и дозволија гостите да постигнат само 14 коша. Младиот Карталовиќ беше „џокерот“ на тренерот Бојчев, а искуството на Брчков и Виларов и одличните пробиви на Котевски, Стојменов и Ивковиќ на крајот беа пресудни Борец Баскет да го добие натпреварот со конечни 79:70.

Кај домашните најефикасни беа Брчков со 15 и Темелквски со 14 поени, а кај гостите Делипетров постигна 17, а Бајрам заврши со 15 коша. И по третото коло Борец Баскет останува на врвот на табелата од Втората лига – исток со максимални три победи.

Целиот натпревар можете да го проследите на следниов линк:

Можеби ќе ве интересира: