Реклама

Обвинение за двајцата возачи кои ја предизвикаа ланската верижна сообраќајка кај Пуста Кула во која загина жена

Велешкото обвинителство поднесе обвинение против две лица, кои пред точно една година предизвикаа сообраќајна несреќа, во која загина жена. Несреќата се случи на 16 јаниари на автопатот Велес – Скопје, на дева километри пред пунктот на Македонија пат на Пуста кула. Во сообраќајката учествуваа неколку возила, кои се забиваа едно во друго, откако прво еден од обвинетите, поради неприлагодена брзина на условите на патот и густата магла, изгуби контрола над возилото, а потоа и другиот обвинет непрописно го сопре своето возило. Во него се заби друго возило, во кое беше и несреќната жена.

Обвинителството двајцата ги гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Двајцата обвинети, на 16.01.2020 година околу 9:15 часот, не се придржувале кон сообраќајните прописи и предизвикале верижна сообраќајна несреќа со која го довеле во опасност животот и телото на други луѓе. Првиот обвинет управувал патнички автомобил на автопатот „Пријателство“, делница Велес-Скопје. Кај местото викано Пуста Кула, после наплатната рампа Отовица, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот – видливоста, прегледноста и атмосферските услови. Во услови на намалена видливост поради густа магла и замрзнат и лизгав коловоз, непочитувајќи ги сообраќајните знаци, автомобилот го управувал со брзина од 105 километри на час. Како резултат на тоа изгубил контрола врз возилото и застранил десно, па го завртел воланот на лево, што предизвикало излизгување на автомобилот, со кој најпрвин удрл во бетонската ограда од вијадуктот, а потоа и во заштитната метална ограда. Се запрел во попречна положба во однос на правецот на движење на автомобилите, зафаќајќи го поголемиот дел од левата и еден дел од десната сообраќајна лента.

Вториот обвинет, пак, управувал со товарно моторно возило со 0,16 промили алкохол во организмот. Кога пристигнал на местото на кое бил извртен патничкиот автомобил, наместо да го запре товарното возило на посебната лента за принудно запирање, тој го застанал на десната сообраќајна лента, со што целосно го попречил движењето по автопатот. Притоа не презел никакви мерки за отстранување на опасноста или предупредување на останатите учесници во сообраќајот.

Како резултат на ова однесување на двајцата обвинети, настанала верижна сообраќајна несреќа во која учествувале уште еден влекач и четири патнички автомобили. Во несреќата, една патничка го загуби животот, а неколкумина беа повредени.“, соопшти Основното јавно обвинителство Велес​.

Можеби ќе ве интересира: