Реклама

Што кога детето ќе го заболи увото?

dete go boli uvo

Што можат да направат родителите кога детето, како по непишано правило, ќе го заболи увото во текот на ноќта? Каде да се обратат? Зошто, воопшто, доаѓа до воспаление на увото? Одговорите на ова и на уште неколку прашања ги има д-р Сандра Стојановиќ, оториноларинголог, шеф на оддел во Центарот за рана дијагностика и терапија на деца со оштетен слух – Детска куќа ОРЛ клиника, во рамките на Клиничко-болничкиот центар „Ѕвездар“.

Какво влијание имаат временските услови на воспалението на увото? Може ли воспалението да се спречи?

Agria

Променливите временски услови го зголемуваат ризикот од инфекции, особено на горниот респираторен тракт, а со тоа е зголемен и ризикот од воспалението на увото. Му претходи најчесто ринитисот, односно кивавицата, а таа е почеста и во време на алергии. Воспалението на увото настанува како резултат на несоодветна секреција, односно отекување и секрет од средното уво – поради отокот на слузокожата од носот и непроодноста на Евстахиевата туба (каналот кој го спојува средното уво и местата каде што носот „преминува“ во грлото).

Пократка туба прави проблем

Кај малите бебиња Евстахиевата туба е пократка и повеќе хоризонтално поставена, а со растот на детето станува пострмна и подолга – така што склоноста кон премин од воспаление на слузокожата на носот кон воспаление на средното уво кај малите деца е зголемена. Со растот се намалува и ризикот од чести воспаленија на средното уво.

Каква е процедурата за чистење на носот со физиолошки раствор?

– На детето прво треба да му се исчисти носот, затоа е најдобро прво да го „издува“. Но, ако е малечко дете во прашање, тогаш носот треба да се исчисти – со пумпа да се извлече секретот. Никако не треба да се користи пумпа ако во носот нема секрет – „на суво“, бидејќи тоа може да ја зголеми болката. Ако детето е поголемо, би требало да заземе седечка положба, а ако е бебе во прашање, потребно е во текот на чистењето да се подигне главата за да не се задуши. Физиолошкиот раствор да се стави во шприц без игла и буквално да се исплакне носот. Нема никаков ефект ако во носот се стават само неколку капки. Оваа процедура треба да се повторува неколку пати во текот на денот.

Како да се препознае воспаление на увото кај бебињата и малите деца до една година?

– Воспалението може, но и не мора да се појавува со покачена телесна температура, па тоа е еден од симптомите кој не мора да биде редовно застапен. Кај малите бебиња – изненадувачкиот, неутешлив плач, одбивање цицање или шишенце со млеко можат да бидат некои од знаците дека се работи за воспаление на увото. Особено ако на сето тоа му претходела зголемена секреција (особено густа и со променета боја) – прилично е сигурно дека се работи за воспаление на увото. Малите деца што зборуваат прилично е сигурно дека ќе ви кажат оти ги боли увото.

Редовно чистење на носот

Многу е важно ниту еден, па дури и најмал проблем од воспалението на слузницата на носот да не се занемари. Неопходно е родителите редовно да му го чистат носот на детето ако му тече, и тоа со спакуван раствор од морска сол или физиолошки раствор. Се разбира, кога е потребно, капките за нос се добар избор. Но, важно е да се нагласи дека тие капки не смеат да се користат во континуитет подолго од пет дена.

Што да се направи тогаш, со оглед дека таа болка обично се јавува ноќе?

– Знам дека изгледа многу страшно – како за родителите така и за детето, тој „ноќен“ напад од болка кај воспалението на увото. Меѓутоа, би препорачала прво да се преземат некои чекори кои обично доведуваат до моментално олеснување, да се дочека утрото, а потоа задолжително да се оди на лекар. На детето прво да му се исчисти носот. Потоа да му се стават капки или спреј кој содржи вазоконстриктор – супстанција која ги собира проширените крвни садови во носот, кои придонесуваат за затнување на носот. Потоа на детето задолжително да му се даде соодветната доза од лекови против болки (парацетамол, ибупрофен…). По сите овие спроведени чекори, останете покрај детето и дури по 15 до 20 минути би требало да дојде до олеснување. Во секој случај, утредента задолжително јавете се на педијатар.

Сепак, важно е да се нагласи дека доколку споменатата процедура не помогне – сите болници што имаат ОРЛ-одделенија или клиники имаат и дежурства.

Дали постои воспаление на увото што не е проследено со болка? Како се лекува воспалението?

– Воспалението на увото може да биде и без болка, иако тоа ретко се случува. Во секој случај, без разлика дали боли увото или не – воспалението секогаш се лекува, покрај споменатите капки за нос и сируп за искашлување (доколку е потребен), и со антибиотик – кој задолжително го препишува лекар. Важно е да се нагласи дека кај зачестените воспаленија на увото (на пример, две до три последователни воспаленија во текот на една сезона), би требало да се спроведе комплетна дијагностика и подетални испитувања за да се избегне секреторен отитис… кој за последица може да има и оштетување на слухот.

Не мора секоја болка во увото да биде сигурен знак за воспаление на средното уво, тоа често може да биде и еден од симптомите за воспаление на крајникот, воспаление на надворешниот слушен ходник (дел од надворешното уво) или нешто друго… Важно е детето да се смири, а утредента да се побара помош од лекар, кој ќе направи комплетна дијагностика и ќе ја препише соодветната терапија.

Извор: deca.mk

Можеби ќе ве интересира: