вторник, 29 септември, 2020
Реклама

Коцевски: Објавивте шпекулации, барам извинување!

Ace Kocevski 11.06.2020-1

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски бара извинување од претседателот на Советот на општина Велес Ненад Коциќ, но и од нашиот медиум за тоа што објавивме дека Уставниот суд ја одбил неговата жалба на заклучокот на Советот на општината, да им се наложи на фабриките во градот да постават мерни станици за загадување на воздухот, во текстот пренесовме изјава на Коциќ.

Тој оваа информација ја нарече шпекулација, поради која бил жестоко изложен на критики во јавноста и смета дека тоа заслужува многу пожесток одговор од него.

„Сепак, се воздржав, бидејќи сето тоа го правеше претседателот на Советот на Општина Велес, кој истовремено е кандидат за пратеник“, рече Коцевски.

Тој објаснува дека во овој случај постапил така како што законот наложува, но дека постои првана празнина во Уставот.

„Ќе се обидам внимателно да одберам зборови. Тоа што беше напишано не е во ред и треба да добијам сериозно извинување, заради тоа што секогаш треба да се сослуша и другата страна и да се дојде до изворот на информации за да се провери колку е тоа точно. Првата шпекулација е дека Уставниот суд донел ваква или таква одлука. Мојот одговор е следен: Кога градоначалник на било која општина нема да потпише некоја одлука, односно решение и нема да го потпише заклучокот за објавување во Службен гласник, Советот има право повторно истата точка да ја стави на дневен ред. Кога Советот по втор пат ќе ја потврди таа точка, градоначалникот е должен да го стави во сила актот со негово објавување во Службен гласник, но согласно одредбите од Законот за локална самоуправа, кој е системски и се носи со двотретинско мнозинство во Собранието, е должен актот да го обжали на Уставен суд. Има правна празнина во Уставот. Иако законот императивно им наложува на градоначаниците да ги обжалат актите на Уставен суд, судот по правило се прогласува за ненадлежен, затоа што Уставниот суд одлучува само за акти кои имаат општо значење, а не за поединечни акти. Во случајов, уште не знаеме кој е ставот на Уставниот суд. Таа информација што е објавена е парцијална, затоа што е превземена од веб страницата на судот дека е ставена на дневен ред на одлучување на судот. Ние актот сеуште не сме го добиле и не знаеме што пишува во него“, рече Коцевски.

Maslodajna 997x485

Според него, тоа е формално-правниот аспект од проблемот, но тој има и си суштински аспект.

„Сите фирми во Велес кои подлежат на Б интегрирана дозвола водат комплексна постапка прават елаборати, пред градоначалникот, по сила на закон, да им ја издаде оваа дозвола. Во овој документ точно е наведено, која фирма, што треба да прави, за заштита на животната средина – дали треба да вградува мерни инструменти или не. Првиот проблем е, дали општината, Советот, градоначалникот може, смее и дали е етички да им создава обврски на фирмите, ако тоа не е регулирано како задолжителна обврска според законите за животна средина. Во случајов, тоа не е задолжителна обрска и општината нема право да ги тера и да им нареди тоа да го прават“, објасни Коцевски.

Советот на Општина Велес пред една и пол година едногласно донесе заклучок, според кои има се наложува на сите фабрики од градот кои имаа Б интегрирана дозвола, да постават мерни станици за следење на воздухот, а доколку тоа не го направат, обрската да падне на општината, кој треба да креира и веб страница, на која граѓаните ќе го следат загадувањето.

„Тоа е обичен заклучок, кој е донесен на седница на Советот на Општина Велес. Јас уредно се обратив до Министерството за животна средина и просторно планирање и оттаму добив толкување дека не е добро општините да поставуваат евтини мерни станици, купени од „Али експрес“ или на друг начин, кои не се сертифицирани, затоа што тие може да даваат погрешни информации и да создаваат вештачка вознемиреност кај граѓаните, особено во зимските месеци кога и без тоа има голема концентрација на загадување. Јас го поддржувам овој став на министерството“, вели Коцевски.

На новинарско прашање кој е тој што сакал да постави мерни страници купени од „Али експрес“, Коцевски одговори: „Тоа е претседателот на Советот Ненад Коциќ“.

По оваа изјава, со реакција на својот фејсбук профил се јави претседателот на Советот на Општина Велес, Ненад Коциќ.

„Дезинформација е дека јас или било кој од Советот спомнал за Али-експрес мерни станици во Велес“, напиша Коциќ.

Сепак, Коцевски смета дека и Коциќ како извор на информација од една страна, но и редакцијата на Батали.нет, која ја објави неговата изјава, треба да му се извинат.

„Информациите кои ги објавивте се неточни и вие мене ме изложивте на плукање, на навреди, на омаловажувања на социјалните мрежи. Пред да објавите, вие треба да си ги проверувате информациите од изворите дали се точни или не, да се јавите во Уставен суд, да ме прашате мене како претставник на општината дали е тоа така или не“, смета Коцевски.

Коцевски се чувствува навреден што некој се обидел да го прикаже како противник на здрава животна средина.

„Јас сум поборник за животна средина а тоа го докажав во битката против загадувањето од Топилницата, со Зелената коалиција. Поради моето делување во областа на екологијата добитник сум на многу награди и сега некој да ме прогласува дека сум против здрава животна средина е навистина несериозно и неумесно и барам да ми се извини јавно“.

За волја на вистината, истиот ден откако ја објавивме информацијата дека Уставниот суд ја не ја прифатил жалбата на градоначалникот, објавивме и текст во кој Коцевски објасни зошто постапил така, кој го пренесуваме во продолжение.

Реклами