Седницата на Централниот одбор на СДСМ заврши пред малку во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, на која се донесоа одлуки за кадровски решенија по случениот договор за коалиција меѓу коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и ДУИ.
Зоран Заев изјави дека е обезбедено парламентарно мнозинство и тој ќе биде премиер со полн четиригодишен мандат. Тој истакна дека главен погон ќе биде ставен на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, како и странските инвестиции.
„Централниот одбор на СДСМ ја одржа 16-та седница, на која се донесоа важни одлуки околу формирањето на новата влада. Се усвои договорот за коалицирање со политичката партија ДУИ. Со тоа е обезбедено парламентарно мнозинство за формирање на Влада. Имавме големина јас и Ахмети, се согласивме јас да ја водам владата 4 години, а во последните 100 дена да има премиер по предлог од ДУИ.“ – изјави Заев на прес конференцијата по завршувањето на седницата.
СДСМ и ДУИ вечерва ги потврдија кандидатите за државни функции во новата влада. СДСМ ги ротира досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров во секторот евроинтеграции, Мила Царовска во образование, а досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски ќе стане вицепремиер за борба против корупција. Со министерството за надворешни работи во следниот мандат ќе раководи Бујар Османи од ДУИ, а во министерството за земјоделство ќе седне кадар на Беса.
Досегашниот советник на Заев и преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ ќе ја замени Рената Дескоска во министерството за правда, а во министерството за културата ќе биде поранешната пратеничка, историчарката Ирена Стефоска. Откако двата министерски ресори во економијата и финансиите отидоа во рацете на ДУИ, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, на вицепремиерската функција одговорен за економски прашања ќе заседне Фатмир Битиќи.
Нови имиња во предлозите на СДСМ се и Јагода Шахпаска која ќе раководи со министерството за труд и социјала, и Благој Бочварски во министерството за транспорт и врски.
Артан Груби од ДУИ е прв вицепремиер и министер за политички систем, а Насер Нуредини останува да раководи со министерството за животна средина.
Партијата уште не одлучила кого ќе предложи за министер за информатичко општество.
„Сакам да носиме одлуки согласно квалитетите и кадрите. Очекувам комплетно фокусирање на работата особено во периодот кој ни претстои. Најважна работа е чесноста и одговорноста. Секој кој ќе се огреши од законот, почнувајќи од Заев ќе одговара без разлика за кои се работи.“ – рече Заев.
Извор: Телевизија 24
Можеби ќе ве интересира: