Опозициската ВМРО-ДПМНЕ од среда излегува на протести. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес конференција најави дека протестот ќе почне пред Министерство за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика.
„Во среда на 9 септември во 18 часот ќе организираме протест, прв во серијата која ќе ги организираме. Ќе почне од Министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторна комисија за енергетика која е маша на власта. Од неа ќе бараме да се врати цената на струја на старо“, изјави Мицкоски.
Опозицијата најавува серија протести во периодот кој следи. Опозицискиот лидер Мицкоски вели дека динамиката на нивното организирање и нивната тематика ќе зависи од постапките на власта најавувајќи дека во иднина опозицијата целото незадоволство освен на прес конференции и во собранието редовно ќе го изразува и на улица.
Протестите се нормална работа во демократија, но опозицијата организира протести затоа што е фрустрирана поради тоа што не е во власт, изјави премиерот Зоран Заев на прашањето што мисли за најавите за протестите.
„Поривот што го гледам од страна на опозицијата е една фрустрација зошто не се бивало власт. Значи без да дадат можност да тргнеме со работа без да видат колку ќе бидат успешни. Се гледа една грозотија од фрустрација зошто не се власт. И од тука произлегува целиот тој порив и сега ќе протестираме.“, рече Заев.
Можеби ќе ве интересира: