Пост со шпекулативна содржина, шири лага дека Северна Македонија уште во 2018 година набавувалa Ковид-19 тестови и опрема.
Постот на Фејсбук фан пејџот „Опуштено“, со фотографија од министерот за здравство Венко Филипче, е, всушност, насловна фотографија и наслов од информација преземена од портал под името Вести (The News), објавен на 07.09.2020, а преземен од друг портал, СЕЗАСЕ.мк и објавен на 06.09.2020. Откако е пласирана ваквата содржина на Фејсбук страната на „Опуштено“, за помалку од 24 часа постот е споделен 45 пет пати, искоментран близу 30 пати и станува сѐ повирален, со можност да предизвика сериозна заблуда дека пандемијата била планирана две години порано и дека земјите, меѓу кои и РСМ, се подготвувале за тоа.
Лагата е исконструирана многу вешто.
„Светската трговска организација на официјалниот сајт објавува кој купувал Ковид-19 тестови и опрема. Меѓу другите земји и Република Северна Македонија се најде на листата. Дали Венко Филипче ќе и објасни на јавноста или ќе молчи исто како што лажираше дека ја вакцинирал внуката“, се вели во текстот под насловот на веста.
Потоа се објавени два принтскрина од кои едниот, клучниот, е од WITS (World integrated trade solution) или специјална веб страница на Светска банка, развиена со повеќе институции од Обединетите нации и од Светската трговска организација, која содржи софтвер за статистички обработки на увоз, извоз и царински тарифи на земјите од светот, членки на овие институции.
Де факто станува збор за следното. На страницата на WITS навистина постои податок за увозот на медицински тестови и друга опрема на РС Македонија во 2018 година. Се вели дека сме увезле тестови и друга медицинска опрема, инструменти и апаратура потребна за дијагностички процедури во вредност од над 9 милиони долари со вкупна тежина од над 6 тони.
Но, под насловот има појаснување: „Податоците овде ги следат претходно постоечките медицински помагала кои сега се класифицирани од Светската царинска организација како клучни за справување со КОВИД-19“. И има линк под зборот „класифицирани“. Кога ќе се отвори овој линк може да се види што се потпаѓа под класификацијата „сега клучни за справување со Ковид 19“.
Покрај класичните PCR тестови и реагенсите за нив, тука спаѓаат и стапчиња за земање брис од нос и од уста, целулозни хартиени маски, текстилни Н-95 маски, разни типови заштитни ракавици и сета друга неопходна опрема која се користи и во сите други здравствени процедури, а кои бараат степен на заштита на медицинските лица. Сето ова убаво се гледа од линкот што е ставен на WITS, a што води до Светската царинска организација, организација што е еден вид меѓувалдино тело на царинските управи и органи на земјите членки на ООН, каде што нашата земја членува од 1994 година.
Според тоа, може да се заклучи дека и во 2018 година државата си направила редовен увоз за потребите на јавното здравство, плус сето она што го набавувале приватните здравствени установи и лаборатории за сопствени потреби. Пи-си-ар тестовите и тестовите за скрининг на антитела не се измислени со корона кризата, туку постојат од поодамна (PCR-цели 35 години), а стапчињата за брисеви и заштитни ракавици и сета друга опрема од уште поодамна.
Вака пласираниот пост, кој е, де факто преземен текст од портал со неименувана редакција (без импресум), преземен од друг портал СЕЗАСЕ.мк, исто така, без импресум и без потпишани автори на текстовите, нанесува голема штета по јавниот интерес, т.е. манипулира со клучна информација за јавното здравје и поттикнува теории на заговор. Тоа може да се види и од коментарите под постот.
Преземено од vistinomer.mk
Можеби ќе ве интересира: