Ковид-19 е дел од нашите животи денес, шест месеци откако Светската здравствена организација прогласи пандемија. Тоа е непријател за кој научивме многу, иако никој не го знае одговорот на прашањето што не чека оваа есен и зима.
Поради големото мешање на луѓето во текот на летото, по укинувањето на пролетниот карантин, бројот на заразени во Европа нагло расте. Ова е случај во Франција, Шпанија и Велика Британија, како и во многу други земји, иако овие не се толку високи бројки како што беа во екот на епидемијата во март и април.
Во однос на првиот бран, многу лекари стравуваат дека болниците и единиците за интензивна нега ќе бидат пренатрупани оваа есен, како во март. Вирусот сега циркулира претежно меѓу младите луѓе, кои не се ризична група, но постарите лица и оние со послабо здравје неизбежно ќе бидат засегнати.
Други, помалку песимистички лекари, сметаат дека ризикот од преоптоварување во болниците е помал отколку во пролетта, бидејќи луѓето кои припаѓаат на ризични групи ги почитуваат епидемиолошките мерки.
Најоптимистичките пак сметаат на имунитетот стекнат во првиот бран, надевајќи се дека ќе спречи втор бран и ќе овозможи да се избегне повторување на мартската катастрофа. Но, тоа е само претпоставка.
Сепак, сите инсистираат на важноста од придржување кон епидемиолошките мерки како што се носење маски, често миење раце и почитување на далечината.
Наоѓањето ефикасна и безбедна вакцина се смета за најдобар начин да се запре пандемијата. Но, не е познато кога тоа ќе се случи.
Во меѓувреме, откриено е дека ковид-19 многу веројатно се пренесува од ситни честички дисперзирани во воздухот што го издишува пациентот (аеросол), не само од поголемите капки што се лачат со кивање, кашлање или зборување во близина и нечисти раце.
Во тој случај, физичкото растојание не е доволно и маската станува неопходна, особено ако сме во затворени простории, со многу луѓе и слаба вентилација. Таквите места сега се сметаат за најризични, а некои земји воведоа задолжително носење маски и на улица.
Можеби ќе ве интересира: