Попладнево од 16 часот ќе се одиграат преостанатите четири натпревари од ПМФЛ. Во Велес, домашниот Борец ќе се обиде да одигра уште една добра партија против осоколениот состав на Академија Пандев која во минатото коло конечно ја прекина црната серија од 16 меча по ред без победа.
Секако дека во центарот на вниманието ќе биде старото скопско дерби меѓу Вардар и Шкупи на Арената “Тодор Проески“. Веројатно чаирчани се фаворити, но Вардар е Вардар, посебно сега кога се засили со дури 11 нови имиња, и ќе му биде тешко на секого кога ќе игра против четата на стратегот Александар Васоски.
Под Шара гостува Работнички. Тим кој има квалитет да ги освои бодовите против Ренова, која пак веројатно е со мислите на мечот од второто квалификациско коло во Лигата на Европа. Сепак се очекува многу борба, голови, добар натпревар. Да потсетиме на еден од последните мечеви во Тетово меѓу овие две екипи “романтичарите“ водеа дури со 3:1, но на крај Ренова славеше со 4:3.
Во Битола домашниот Пелистер ќе има тешка задача. Гостуваат “лавовите“ од Ѓорче, секогаш незгодни, мора да ги респектираш, не смееш да ги потцениш. Едноставно жилава екипа која ако има свој ден може со секого да се носи. Од друга страна составот на Зоран Штерјовски е фаворит, тука нема дилеми.
Да потсетиме дека вчера Струга Трим Лум со 2:0 го победи Силекс, а Шкендија на гостувањето кај Беласица славеше со 3:0.
ДВОЈКИ ЗА 5. КОЛО – ДЕНЕСКА 16 Ч
ВАРДАР – ШКУПИ
РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ
ПЕЛИСТЕР – МАКЕДОНИЈА ЃП
БОРЕЦ – А.ПАНДЕВ
ВЧЕРА:
БЕЛАСИЦА – ШКЕНДИЈА 0:3
СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС 2:0
Можеби ќе ве интересира: