Писателот Томислав Османли е годинешниот добитник на Рациновото признание за литература. Тој ја добива оваа награда за својата последна прозна книга „Парадоксикон“, која е вкупно 28-ма во неговата творечка биографија. Жири комисијата на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ ја донела одлуката, откако на конкурсот пристигнале повеќе квалитетни дела од македонски автори.
„Недвосмислено и едногласно констатиравме дека Томислав Османли е прво една фигура за која што нема сомнение дека е веќе составен дел на македонската книжевна, културна и творечка сцена и дека во таа смисла ќе биде достоинствен носител на Рациновото признание“, рече академик Катица Ќулавкова, која е претседател на жири комисијата на „Рацинови средби“.
Наградена книга „Пасадоксикон“ на Османли ја дава својата фантастична визија на тревожната современост, која – како што самиот вели – не престанува каприциозно и парадоксално да нѐ населува. Османли вели дека оваа награда му е посебно драга и вети дека ќе продолжи да ги негува традициите на двете сјајни вертикали – космополитската и вертикалата на македонскиот јазик.
„Нашиот македонски јазик често пати знае да биде предмет и на напади, предмет на негации, предмет на релативизации, како што сме сведоци од некои преживеани структури во блиските средини, дека се прават несреќни и залудни обиди. Тука сме ние да го одбраниме со нашето дело, со нашето творештво, со нашите почити кон родоначелниците, а еден од нив, кој е сјајна ѕвезда заблесната во Велес, а потоа и во Македонија, но низ цела Европа е и Кочо Рацин“, рече Томислав Осмали, добитник на „Рациново признание“.
Почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура надвор од границите на земјава го добиваат Виктор Фридман од Чикаго и финскиот лингвист Јоуко Сакари Линдстет. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека оваа манифестација се уште не го добива вистинското внимание во јавноста.
„Рациновите средби, според мене, се една од трите најважни културни манифестациии во нашата земја, заедно со Охридско лето и Струшките вечери на поезијата. Сите заедно, со помош на медиумите, треба да се избориме Рациновите средби да го добијат заслуженото место во културата и уметноста во Македонија, а не да доминираат разни карневали со пагански обичаи, празијади, питијади, ракијади и се останато“, смета Аце Коцевски, градоначалник на Велес и претседател на Oрганизацискиот одбор на „Рацинови средби“.
Меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ ќе се одржи во петок и сабота во Велес, кога ќе бидат доделени и наградите.
Можеби ќе ве интересира: