340 ученици од четврто до деветто одделение во Основното училиште Кирил и Методи во Македонска Каменица денес не се приклучија на Националната образовна платформа. Нивните родители велат дека почнуваат бојкот и сакаат децата настава да следат во училница, а не пред компјутер.
Бараат Комисијата за заразни болести и Министерството за образование да дозволи настава со физичко присуство во училниците и очекуваат позитивен одговор на барањето испратено од Советот на родители.
Во ова училиште денес на настава беа само 110 ученици од прво до трето одделение. Директорката вели дека го разбира ставот на родителите, но одлуката на надлежните мора да се почитува. Смета дека тие како училиште се подготвени за физичко присуство на сите ученици, но нивното барање е одбиено од Комисијата поради лошата епидемиолошка слика во Македонска Каменица и Делчево, од каде им доаѓа и дел од наставниот кадар.
Родителите најавија дека бојкотот ќе продолжи се додека Комисијата при Министерството за образование не се премисли и дозволи децата да се вратат во училишните клупи.
Можеби ќе ве интересира: