Борец е дефинитивно најпријатното изненадување во Првата македонска фудбалска лига есенва. По седум одиграни кола, велешани освоија 12 бода и се во самиот врв на прволигашката табела. И покрај тешкиот распоред и четирите гостувања, само еднаш се поразени, а од гостинските терени се донесени дури 7 бода.
Успешната серија велешани ја почнаа на почетокот на март, на последните натпревари од минатото прекинато првенство, кога на теренот во Струмица одиграа без голови со Академија Пандев. Оттогаш, во вкупно 10 првенствени натпревари, Борец забележа само еден пораз, од Струга Трим Љум во третото коло во тековното првенство, но обезбеди пет победи и четири ремија.
Да се продолжи низата успеси е главниот мотив и на денешниот дуел (сабота, 15 часот) во рамките на осмото коло од Првата фудбалска лига, кога велешани, на стадионот во скопски Чаир, гостуваат на Шкупи, на чија клупа ќе дебитира прославениот поранешен турски репрезентативец Умит Каран, кој ги водеше чаирчани и пред две сезони. Тој доаѓа на местото на довчерашниот стратег Муарем Бајрами, кој доби отказ по минатонеделниот пораз во Струга.
На табелата Шкупи е втор, веднаш зад водечката Шкендија, но има само еден бод повеќе од Борец. Екипата од Чаир тешко продава бодови на свој терен. Последниот првенствен пораз дома го има на истиот датум, кога Борец ја почна позитивната серија – 1 март годинава, кога во рамките на минатогодишното првенство беше поразен од Ренова со 2:3. Борец и Шкупи лани три пати се сретнаа, два пати во Скопје и еднаш во Велес, а секогаш домаќинот ги освојуваше трите бода.
За оваа традиција е свесен и тренерот на велешани Горазд Михајлов, кој фаворитската улога му ја препушта на домаќинот, но вели дека на неговата екипа нема да и недостасува мотив.
„Одиме да се надигруваме, Шкупи е фаворит, бидејќи игра на свој терен и нема пораз оваа сезона дома. Не треба да не залажува нивниот пораз од минатата недела, веројатно ќе имаат мотив повеќе пред старо-новиот тренер. Но, и ние ќе бидеме мотивирани да ја продолжиме позитивната серија и да одиграме на високо ниво, а досега тоа го покажавме со нашите игри и одиме растоварени и подготвени“, рече Горазд Михајлов, тренер на Борец.
Борец сезонава ја има една од најдобрите одбрани во лигата. Бековите Филип и Марјан Ристовски и стоперите Никола Ристески, Стојан Стојчевски и Оливер Стојменовски се вистинска енигма за противничките напаѓачи. Тоа придонесе и одличниот голман Бурхан Мустафа во седумте одиграни кола, да прими само четири гола, со што, заедно со Струга Трим Љум и Работнички, се екипите со најмалку примени голови во лигата. Мустафа најдобро го познава тимот на Шкупи, затоа што во Борец лани дојде токму од нивните редови.
„Не очекува тежок натпревар на „жешкиот“ терен на стадионот во Чаир, каде што тешко се освојуваат бодови. Го респектираме противникот, но и ние имаме свои адути, во добра серија сме и сигурно дека одиме на позитивен резултат и да ја продолжиме добрата низа без пораз“, смета Бурхан Мустафа, голман на Борец.
Во тимот на Борец владее добра атмосфера. На повреда се жали стоперот Филип Трајановски кој нема да биде во конкуренција за денешниот меч, а ситна повреда на препоната има и Бразилецот Фернандо Силва, но се очекува тој да биде стартер на мечот против Шкупи.
Од поодамна е повреден и хрватскиот стопер Никола Гавриќ кој непосредно пред почетокот на сезоната ја скина тетивата на левата нога и имаше операција. Сепак, од таборот на велешани велат дека Гавриќ одлично се опоравува и наскоро се очекува неговото враќање на терените.
Натпреварот меѓу Шкупи и Борец можете да го следите на веб страницата на ФФМ на следниот линк https://tv.ffm.mk/. Поради технички проблеми Отвореното фудбалско студио на Батали.нет ќе го нема и денеска. Се надеваме дека многу скоро овој проект ќе продолжи.
Можеби ќе ве интересира: