Уште од раните утрински часови се дружеле со алкохолот, па влегле да управуваат возило. Тројца велешани денеска добија казни од полицијата, која денеска ги фати како возеле пијани. Двајца од нив се сопрени во утринските часови и измерено им е дека имале нешто над еден промил алкохол во крвта, а третиот, кој е сопрен попладнево, возел со 1,87 промили алкохол во крвта.
Сите тие се дел од 137 граѓани од Велес, кај кои во текот на денот полицијата откри прекршоци. На шест пунктови во градот, сообрајќајната полиција, составена од полицајци од други градови, буквално го сопираше секое возило или моторцикл. Акцијата покажа дека велешани не ги почитуваат сообраќајните прописи.
„Министерството за внатрешни работи денеска спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Велес. Притоа, изречени се вкупно 137 санкции, меѓу кои 10 за измината важност на сообраќајната дозвола односно нерегистрирани возила, 29 за возење без возачка дозвола, 53 прекршоци на мотоциклисти, три за возење под дејство на алкохол, а изречени се и 11 санкции за неносење заштитна маска. Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Во последните неколку недели, речиси секој ден во Велес се случуваат сообраќајни несреќи, во кои учествуваат моторциклисти. Резултатите од денешната акција на полицијата потврди дека токму возачите на мотори се најчестите прекршители на сообраќајните правила. Од МВР велат дека граѓаните ја поздравуваат акцијата на полицијата, насочена кон воспоставување ред на патиштата.
„Граѓаните ги поздравуваат овие акции на Министерството за внатрешни работи , граѓаните сакаат ред и безбедни улици и патишта и ни даваат комплетна поддршка во санкционирање на прекршителите на прописите и правилата. Апелирам до граѓаните на Велес, како и до сите граѓани на Република Северна Македонија, да ги почитуваме законитеи прописите во сообраќајот и сите заенички да придонесеме за побезбедни улици и побезбедни патишта во нашата држава“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Во 20-тина дена колку што траат засилените акциски контроли, полицијата изрекла преку 10 илјади казни. Сепак, и покрај тоа, сообраќајните несреќи со смртни последици се чести. Последната се случи вчера ов скопско Трубарево кога пијан возач усмрти мотоциклист и 10 годишно дете.
Можеби ќе ве интересира: