Реклама

(ВИДЕО) Во „луд“ меч во Велес, Борец ја победи Македонија Ѓ.П.

Фудбалската драма во Влеес му припадна на домаќинот. Борец по многу борба, шанси и три нереализирани пенали, сепак успеа да ги освои трите бода на теренот во Велес, победувајќи ја Македонија Ѓ.П. со 2:1, во натпревар од деветтото коло од Првата македонска лига.

Zito akcija 640x289px

Победата на велешани е сосема заслужена, иако е изборена во последните минути од натпреварот. Првото полувреме потполно им припадна на играчите Борец, имаа повеќе од играта и создадоа неколку убави шанси, кои не ги реализираа.

Agria

Веќе во 3 минута Радовиќ излезе сам пред гостинскиот голман Стевковски, но овој му влезе во шут и успеа да спречи рано водство. Неколку минути подоцна во шанси влегоа Прелчец, па Ристовски, но првиот шутираше покрај голот, а ударот на вториот го одбрани гостинскиот голман.

Скопјани прв пат се заканија во 13 минута, кога Божиновски се обиде да го пронајде „во празно“ Калид, но домашниот голман Мустафа беше побрз од него. По ова се редеа шанси на Борец преку Прелчец и Радовиќ, но резултатот остана непроменет.

Како се ближеше крајот на полувремето, така гостите се повеќе ја преземаа играта и стануваа опасни по голот на Борец. Во 37 минута Халид сам си создаде шанса, шутираше силно од работ на шеснаесетникот, а Мустафа едвај ја исфрли топката во корнер. Во претпоследната минута од првиот дел повторно Халид се обиде со глава, но топката заврши покрај голот на Борец.

И второто полувреме започна со доминација на гостите. По само 4 минути игра повторно Халид во фокусот. Одличниот напаѓач од Гана излезе сам пред Мустафа, но овој успеа да му го одбрани ударот. Врати Борец со прекрасната акција во која учествуваа Радовиќ, Силва, Ристовски и Прелчец, кој од 16 метри, непречен од никого шутираше преку гол.

Гостите беа поблизу да го отворат резултатот. Во 60 минута судијата Мечкароски покажа на белата точка, откако најдобриот играч на гостите Калид беше соборен во шеснаесетникот на Борец. Истиот играч го изведе пеналот, но Мустафа ја прочита неговата намера и му го одбани ударот. Од тој момент, Борец го засили темпото и тргна поенергично кон голот на Македонија Ѓ.П.. Прво Ристовски во 70 минута шутира преку голот на гостите, а осум минути подоцна и Силва се испроба од слободен удар откосо, но топката профуче покрај десната статива на голманот Стевковски.

И потоа почна драмата. Тренерот на Борец Горазд Михајлов направи неколку измени, што се покажаа клучни за исходот на натпреварот. Прво, во 84 минута во казнениот простор на гостите беше соборен нововлезениот Десниќ, а Мечкаровски без размислување досуди пенал. Го изведе Прелчец, но шутираше млако, во страната која Стевковски ја процени и успеа да одбрани. Сепак, помошникот на Мечкаровски веднаш сигнализираше дека гостинскиот голман прерано ја напуштил гол-линијата, па пеналот беше одново изведен. Повторно шутираше Прелчец и повторно на иста страна и повторно Стевковски брани. Одбиената топка Прелчец се обиде да ја смеси во голот, гостинскиот голман ја одби до слободниот Пеев, кој претходно влезе од клупата за резерви, а овој го постигна водечкиот гол за Борец.

Тогаш гостинскиот тренер Жикица Тасевски фрли се на една карта – нападот. Тоа го искористија домашните фудбалери, па по еден контра-напад топка доби нововлезениот Ѓорѓиев, кој прво со финта се ослободи од својот чувар, а потоа го совлада голманот Стевковски за удвојување на предноста. Судијата Мечкароски натпреварот го продолжи 5 минути, во кои гостите се обидуваа да се вратат во игра. Тоа им успеа во 96 минута, кога Фернандињо прифати една одбиената топка од Мустафа и од работ на шеснаесетникот намали на 2:1. Сепак, голот за гостите дојде предоцна, бидејќи само што домашните тргнаа од центар, судијата означи крај на мечот.

Со оваа победа Борец остана на 4 место на табелата, но сега само еден бод зад денешниот противник Македонија Ѓ.П. Распоредот во следните три кола е поволен за велешани, бидејќи во недела гостуваат на „фенерџијата“ Беласица, а потоа имаат два домашни натпревари со Пелистер и Вардар.

Можеби ќе ве интересира: