Протестот со автомобили низ улиците на Велес одржа вчера опозициската ВМРО ДМПНЕ. Протестот заврши пред здградата на Општина Велес, каде што говореше претседателот на Општинскиот комитет и актуелен пратеник Игор Здравковски. Тој рече дека ова место е симболично одбрано бидејќи токму на 20 октомври се навршуваат три години од превземањето на локалната власт од страна на СДСМ во општина Велес.
„Општината, предводена од градоначалникот, заедно со неговите советници и именувани претставници на локалните институции, се однесуваат во текот на сите овие три години како да се во опозиција или уште пострашно како давеници. И покрај нивните несогласувања, тие се во едно согласни, и водени од максимата – ‘Сложни попови и во петок мрсат’, ни претставуваат една розева слика, а додека глумат загриженост, ги наполнија институциите со партиски кадри. Поради ваквите нивни постапки, нашиот град, нашата светост и местото кое претставува наш ‘Папок на Светот’, го претворија во една обична паланка каде секојдневна е борбата да се преживее“, рече Здравковски.
Тој ја обвини власта дека не успеала да реализира ниту 10 проценти од ветувањата за подобар живот. Здравковски се пожали дека државата ги одбивала сите амандмани кои ВМРО ДПМНЕ ги поднела во Собранието на Република Македонија, а кои се однесувале за Велес и велешко, што, како што рече, кај опозицијата остава впечаток дека дополнително некој се обидувал да го згасне Велес како град на прогресивната мисла, град на културата и град со огромна традиција, додека градските власти и претставници на сите нивоа останувале неми на нивните конструктивни повици. Тој ја обвини власта за мобинг и политички реваншизам со неистомислениците.
„Овој мобинг мора да престане. Оваа безидејност мора да запре. Овој терор и узурпација на институциите мора да го снема. Велес заслужува подобро, Велес заслужува повеќе. Велес мора да се врати на мапата на развојот и мора да почне да се развива, а со тоа ние мораме да им дадеме шанса на идните генерации да имаат достоен живот“, рече Здравковски.
На крајот на протестот, тој ги повика граѓаните да се обединат во оваа борба, затоа што, како што рече, за помалку од 365 денови иде нова ера за Велес.
Можеби ќе ве интересира: