Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој е прогласен за државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
Претседателот на државата Стево Пендаровски упати честитка до сите граѓани на земјава.
„Ви го честитам 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време. Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност“, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски.
Пред споменикот на Гоце Делчев цвеќе ќе положи владина делегација составена од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, заменик министерот за култура Седат Сулејмани и националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов и собраниска делегација во состав Марија Георгиевска и Жаклина Пешевска.
Во Богомила во спомен куќата на Петар Поп Арсов цвеќе ќе положи министерката за култура Ирена Стефоска заедно со велешките пратеници Ненад Коциќ од СДСМ и Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради пандемијата со коронавирусот, одбележувањето ќе се одржи со протоколи за спречување и заштита од коронавирусот, односно со носење на заштитни маски и одржување на соодветно растојание.
Можеби ќе ве интересира: