Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Велес ја обвини локалната власт дека не обезбедила греење за учениците од основното училиште „Блаже Конески“ и дека децата кои посетуваат физичка настава таму, седат во јакни.
„Револтирани родители реагираат дека нивните деца се принудени да седат на настава со јакни, а одговорот кои тие го добиле е дека на училиштето не му е исплатливо да вклучува греење за само неколку училници“, рече Филип Арилон, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ Велес.
Од опозициската партија ги прашуваат директорот на училиштето и градоначалникот Аце Коцевски дали здравјето на децата, во време кога почнуваат сезонските грипови и ковид пандемијата зема се поголем замав, е побитно од економската исплатливост, дали за ова е информирана министерката Мила Царовска и што планираат да направат, за децата и наставниците да не премрзнуваат за време на наставата.
„Досега и локалната, но и државната власт имаа доволно време да најдат решение за овој проблем. Во изминатиот период со одложената настава, можеа да обезбедат локални системи за греење во секоја од училниците каде се одвива настава со физичко присуство, но и во просториите од каде наставниците одржуваат онлајн настава. Или да го прилагодат системот за централно греење според капацитетот и потребите“, рече Арилон.
Раководството на основното училиште „Блаже Конески“ ги демантира тврдењата дека во училиштето нема греење.
„Греење е обезбедено во секоја просторија каде што се одржува настава со физичко присуство во училиштето. Во интерес на објективно информирање на јавноста, најодговорно тврдиме, дека додека трае реконструкцијата на системот за топловодно греење во училиштето која што е во завршна фаза, просториите секојдневно ги затоплуваме со други грејни тела“, рече Јованче Манасков, директор на ООУ „Блаже Конески“.
Тој напоменува дека изнесувањето на невистини во јавноста е одвлекување на вниманието од успешното раководење на училиштето во кое за помалку од три години се направени инвестиции од околу 300 илјади евра.
„Една од нив е и целосната реконструкцијата на системот за парното греење во кое што не беше интервенирано повеќе од 35 години. Со овој зафат обезбедуваме современ систем којшто не само што многу поефикасно ќе го затоплува целото училиште туку и ќе прави заштеди“, рече Манасков.
Можеби ќе ве интересира: