Предвремените избори за градоначалник во Штип може да ги остават без лекови пациентите во штипската Клиничка болница. Во време кога бројот на хоспитализирани расте се трошат последните количини на антибиотици, а не се знае дали до крајот на годината ќе бидат доволни и реагенсите за крвните анализи кои се неопходни за Ковид пациентите.
Најкритичен е кислородот, бидејќи само во Септември се потрошило приближно како цела година лани. Се расипале и некои од регулаторите на боците за кислород, неопходни за одредување на дозите на пациентите, но поради забраната за јавни набавки и итноста, за нив ќе се бараат донации. Проблем до крајот на годината може да се јави и со заштитната медициска опрема за вработените.
Според Изборниот законик од распишување на изборите до нивното официјално завршување не треба да се трошат буџетски средства и да има нови вработувања. Но тоа според Антикорупциска важи само за интервентните јавни набавки, не и за она што е дел од годишните програми на институциите, поврзано со нивното непречено работење.
„Ако набавката е предвидена со годишниот план за јавни набавки и тој план е јавно објавен, вообичаено на почетокот на годината, тогаш тоа не се коси со Изборниот закон. Во секој друг случај наша препорака би била, поради специфичноста на состојбата, тие да побараат позајмица на потребните средства од друга здравствена установа или Министерството за здравство, а по завршувањето на изборите да распишат јавна набавка и да го вратат“, вели за ТВ 24, Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција.
За Георгијев позајмицата е можно но не и веројатно решение, бидејќи сега сите здравствени установи ги трошат истите лекови, па никој нема залихи. Од одговорот што официјално ќе го добијат од антикорупцонерите ќе зависи и каква подршка ќе бараат од Министерството за здравство.
Во Штип за градоначалник во прв круг треба да се се гласа на 13-ти декември, откако поранешниот прв човек на градот се пресели во извршната власт. Рокот за поднесување кандидатури е седми ноември, иако од опозицијата најавија дека од понеделник ќе ја разгледуваат и опцијата поради есенскиот бран заболени да побараат одложување на изборите.
Можеби ќе ве интересира: