Реклама

Горазд Михаилов: Пелистер е незгоден, но Борец е фаворит!

borec-makedonija

По непланираната пауза поради новите протоколи за заштита од ковид-19, во сабота продолжуваат натпреварите во Првата македонска фудбалска лига. На програмата е 11. коло, во кое, на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес, Борец ја пречекува екпата на Пелистер.

Zito akcija 640x289px

Според местото на табелата, велешкиот прволигаш е фаворит на мечот, па од таборот на Борец очекуваат добра игра, победа и три нови бода.

Agria

„За натпреварот во сабота се подготвуваме како и пред секој друг натпревар. Здравствениот билтен е во ред, што значи дека и Фернадо Силва ќе конкурира за место во првиот тим. Пелистер е незгоден противник, посебно кога игра на гостински терен. Го почитуваме како клуб со традиција. Ја прифаќаме улогата на фаворит и се надевам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога“, смета Горазд Михаилов, стратегот на Борец.

Gorazd Mihajlov

Токму Фернандо Силва се очекува да биде „моторот“ во играта на велешани, откако повредата која ја влечеше и поради која не настапи на последниот дуел против Беласица, е веќе минато. Силва најдобро ја познава битолската екипа, затоа што две сезони, од 2016 до 2018 година настапуваше во нивниот дрес.

„Пелистер е клуб со кого јас го освоив купот на Македонија. Го знам нивниот менталитет. Натпреварот со Пелистер ќе биде тежок, бидејќи битолчани се незгоден противник. Ние сме фаворити и треба да излеземе агресивно, да го диктираме темпото да имаме посед и да организираме игра. Само така можеме да дојдеме до победа. Изминатава недела напорно работев да ја санирам повредата, се надевам дека ако добијам шанса да играм, ќе одговорам на задачата“, рече Фернандо Силва.

fernando silva

Повратникот во Првата лига, битолски Пелистер веќе четири натпревари нема победа, па ќе се обиде оваа лоша серија да ја прекине на теренот во Велес. Сепак, битолчани сезонава играат одлично во гости, па на четирите гостувања имаат само еден пораз, а еднаш победија и два пати одиграа нерешено. За разлика од нив, Борец е во добра форма и на последните пет меча има само еден пораз, но во четирите натпревари одиграни на домашен терен во новото првенство има две победи и два пати одигра реми.

Еден од поискусните играчи во редовите на Пелистер, Христијан Драгарски смета дека вештачката трева на граскиот стадион „Зоран Паунов“ ќе биде дополнителен проблем за неговата екипа, но ги посакува трите бода на „жешкиот“ терен во Велес.

„Знаеме дека сите екипи имаат проблеми во Велес поради различниот терен. Вештачката трева е поинаква и секако дека ќе биде доста тешко. Но, ние одиме кај Борец да се надигруваме, Пелистер никогаш не крева „бело знаме“ пред време. Не гледам причина зошто не би биле ние тие што ќе славиме и што ќе му го нанесеме првиот пораз на Борец како домаќин“, е ставот на дефанзивецот Драгарски.

Во последните три години, Борец и Пелистер се сретнале три пати и битолчани исто толку пати победиле. Овие две екипи во 2017 година играа двомеч во Купот на Македонија, кој го доби Пелистер со вкупни 7:3, откако прво во Велес славеше со 3:1, а потоа на реваншот во Битола беше 4:2. Последниот меѓусебен дуел беше пријателски, кога во јули годинава Пелистер како гостин го победи Борец со 1:0.

Пред натпреварот во сабота (13:30 часот) Борец е на четвртото место на табелата со 16 бодови, додека Пелистер е осми, со четири бода помалку.

Можеби ќе ве интересира:

https://batali.net/15219/angelovski-go-objavi-spisokot-so-fudbaleri-za-noemvriskite-natprevari/