79-годишен велешанец е најновата жртва на ковид-19 во Велес. Тој имал позитивен тест и вчера бил префрлен од интерното на инфективното одделение на велешката болница, каде што и починал. Велешанецот имал и претходни заболувања како висок крвен притисок и дијабетес. Тој е 37 жртва на ковид-19 во Велес од почетокот на пандемијата, но загрижува податокот дека за само 18 дена, починаа 22 велешани.
Велешката болница го претвори одделението за физикална терапија во ковид центар. Од денеска и таму се примаат пациенти со коронавирус, во обид да се растовари притисокот врз инфективното и интерното одделение. Сепак, како се празнат, така веднаш се исполнуваат болничките кревети во велешката болница.
Во моментов на инфективното одделение и на одделението за физикална терапија се лекуваат 50 пациенти. Од нив сите, освен еден кој е сомнителен, имаат позитивен тест. Најголемиот товар е на таканареченото „заразно“, каде што се лекуваат 43 пациенти, на физикална има седуммина, а на интерно одделение се хоспитализирани тројца сомнителни пациенти на коронавирус и една пациентка со негативни тестови, која има потреба за уште лекување.
На одделението за физикална медицина дежураат доктори специјализанти, вработени во болницата. Моментално се ангажирани седум специјализанти, по еден од радиологија, неврологија, хирургија, ортопедија и тројца по интерна медицина.
На инфективното одделение од јули месец во дежурствата беа вклучени четворица интернисти, а од овој месец се вклучија уште тројца.
Состојбата со коронавирусот во Велес е алармантна, оцени Општинскиот кризен штаб. Оттаму очекуваат во следните денови бројот на заразени да опаѓа поради широко распространетата зараза во градот, но велат дека нема место за опуштање.
Во Велес во моментов има 610 активни случаи со коронавирус, а од почетокот на пандемијата до сега се заразија 1058 граѓани, од кои 412 се опоравија.
Можеби ќе ве интересира: