Екипата на Борец на домашен терен славеше над Силекс (2-0) и им се врати на победите во Првата македонска фудбалска лига на едно коло пред крајот на есенскиот дел од шампионатот.
Велешани без својот тренер Горазд Михајлов, кој е позитивен на ковид-19, успеаја да запишат посакувана радост и да освојат значајни три бода. Домаќинот имаше „ветер во грб“ практично цела средба, затоа што гостинот од Кратово доби црвен картон уште во 6. минута.
Исклучен беше Ангелче Тимовски, кој на самата гол-линија играше со рака во казнениот простор, па судијата покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Никола Прелчец и донесе предност за домашните. За хрватскиот интернационалец и капитен на Борец тоа е четврти гол во првенството. Вториот гол во мрежата на Силекс го постигна Марјан Ристовски во 13. минута од мечот на стадионот „Зоран Паунов“. Ристовски е најефикасниот стрелец на велешани со пет постигнати голови.
За Борец ова беше седма победа во Првата македонска фудбалска лига оваа сезона, со што се врати на делба на четвртата позиција, заедно со Струга Т.Љ. која има нешто подобра гол разлика од велешани. Во последното есенско коло од ПМФЛ кое се игра во среда, Борец ќе гостува кај Работнички.
Можеби ќе ве интересира: