Марјан Ристовски: Со победа над Работнички да го завршиме есенскиот дел

Македонскиот клубски фудбал заминува на зимска пауза. Денеска се игра последното 18. есенско коло од Првата македонска фудбалска лига, во кое велешки Борец ќе има тешко гостување во Скопје, кај екипата на Работнички. Во битката за нови бодови и успешен крај на полусезоната, велешани ќе играат и против традицијата, која вели дека Борец никогаш не го победил Работнички. Нивните последни пет меѓусебни средби завршија со два порази во Скопје и три ремија на стадионот во Велес.

Zito akcija 640x289px

Во таборот на Борец владее оптимизам пред денешната средба во Скопје (13 часот), но и мал замор од пеколниот ритам на натпревари, поради кој ова ќе биде петти првенствен натпревар во последните 14 дена. Помошник тренерот на Борец Ангел Темелков, кој поради отсуството на Горазд Михаилов и денеска ќе ја води екипата, признава дека ритамот е напорен, но така е и за нивниот денешен противник.

Agria

„Ова е последен натпревар од овој мини – фудбалски маратон од натпревари среда – недела, а воедно и последен од оваа полусезона. Играме против Работнички, екипа која максимално ја почитуваме и респектираме, добро се познаваме и одиме да се надигруваме на Градскиот стадион во Скопје. Резултатската криза ја надминавме, имаме елан и позитивна енергија, имаме своја зацртана цел, имаме своја стратегија и ќе се обидеме да ја наметнеме нашата игра и на крај да се радуваме на еден позитивен резултат и со победа да ја заокружиме оваа есенска полусезона“, рече Ангел Темелков.

Марјан Ристовски е еден од најдобрите играчи на Борец и прв стрелец во есенскиот дел со пет постигнати голови. Тој е еден од новајлиите во редовите на велешкиот прволигаш, кој одлично се снајде во новата средина и игра полусезона од соништата. Ристовски беше човек на одлука во неколку натпревари кои Борец есенва ги доби, а стрелец на еден гол беше и во натпреварот во неделата против Силекс. Се очекува и на денешниот натпревар да биде закана за домашниот голман. За Работнички има само пофални зборови, но е решен заедно со тимот да ги освојат трите бода на теренот во Скопје.

„Денеска го играме последниот натпревар за оваа полусезона, против екипа која има супер ростер и која има високо реноме во македонскиот фудбал, но како и секој натпревар, ние одиме на победа. Работнички игра променливо, но без потценување кон нив, се надевам на добра партија и на нова победа, која ќе не доближи до горниот дел на табелата“, рече Марјан Ристовски.

Image may contain: 1 person, playing a sport and outdoor

Борец и на овој натпревар ќе биде без својот тренер Горазд Михаилов, кој е во изолација поради ковид-19. Помошникот на Михаилов, Ангел Темелков нема многу проблеми околу составот. Единствено на повреда се жалат Милан Чичевски и Марио Станковски, кој најверојатно нема да може да му се спротистави на својот брат од Работнички, мега-талентот Лука Станковски.

И Борец и Работнички играат променливо на последните пет дуели. И двете екипи запишаа по две победи, но Борец има три порази, а Работнички само еден, со два нерешени резултати. Сепак, на табелата Борец котира повисоко од својот денешен противник, се наоѓа на петтото место со 25 освоени бода, а Работнички е осми, со четири бодови помалку од велешани. Со евентурална победа, Борец речиси сигурно ќе презими на четвртата позиција, а со пораз опасно ќе му се приближат и Силекс и Вардар и денешниот противник Работнички. Реми повеќе му одговара на Борец, кој и со таков резултат може да остане четврти.

Во другите наптревари од последнотоесенско коло играат Беласица – Вардар, Македонија Ѓ.П. – Ренова, Шкендија – Пелистер, Шкупи – Струга Т.Љ., Силекс – Академија Пандев.

Табела: Шкендија 39, Шкупи 33, Македонија Ѓ.П. 33, Струга Т.Љ. 25, Борец 25, Силекс 22, Вардар 22, Работнички 21, Ренова 16, Пелистер 15, Академија Пандев 14, Беласица 9.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: