Велешани во новата година ќе бидат сведоци на почетокот на изградбата на гасоводниот крак затоа што пратениците ја донесоа одлуката на последната седница на Собранието. Тоа ќе овозможи да започне изградбата на секундарната гасоводна инсталација што прво ќе ги опфати индустриските зони а потоа и домаќинствата во Велес. Веста ја соопшти денеска на онлајн прес конференцијата пратеникот Ненад Коциќ како еден од неколкуте проекти што со финансиска поддршка државата ќе ги реализира за да го подобри квалитетот на живот на велешани во новата година.
„Овој проект овозможува предуслов за технолошки развој на Велес, на државата и на сите градови што ќе бидат вклучени во овој гасоводен систем затоа што гасот е ефтин енергенс и дава економски бенефит. Тоа што е многу значајно е што додека не се донесе гасот и не се спојат домаќинствата и индустријата Велес нема да има целосно решавање на проблемот со аерозагадувањето. Градот го има јавното претпријатие „Велес гас“, ја има техничката документација што како почетни чекори се добри за изградба на секундарната градска мрежа и е од исклучителна важност сега кога е донесена одлука за изградбата на кракот од Свети Николе кон Велес. Ова решение во споредба со првичниот проект во кој беше планирано искористување на компримиран гас е подобро затоа што е многу поефтино, поисплатливо како за домаќинствата така и за индустријата“, рече Коциќ.
Исто така, пратеникот соопшти дека вгодина во Велес ќе започне изградбата на затворениот пливачки базен. Помеѓу очекувањата што во 2021 година треба да се реализираат ги спомна изградбата на мостот на река Вардар крај Башино Село заедно со реконструкцијата на патот, поточно на улицата „Вардарска“.
„Очекувам уште поголеми економски инвестиции во 2021 година. Сметам дека за велешани интересни ќе бидат и програмите на Владата за субвенционирање на грејни тела за намалување на аерозагадувањето. Министерството за економија ќе распише оглас за субвенционирање во делот на обновливи енергии за што велешани, како и сите граѓани во државата, ќе можат да аплицираат. Станува збор за замена на алуминиумски и ПВЦ прозорци. Секако државата ќе одвои средства од Програмата за енергетска ефикасност во висина од 47 милиони денари за инсталирање на фотонапонски системи во домаќинствата. Користејќи го системот прв дојден – прв услужен им порачувам на велешани да ги следат објавите и да ги искористат субвенции во висина од 500 евра. По истиот принцип, велешани ќе можат да искористат субвенции во висина до 300 евра за инсталирање на системи во своите автомобили на плин и метан што ќе им овозможи поголема заштеда од една и од друга страна заштита на животната средина“, додаде Коциќ.
Сите проекти, мерки и субвенции сепак ќе зависат од завршувањето на корона пандемијата за која пратеникот се надева дека крајот ќе биде во месец март, наредната година. А токму болеста го поттикнала да подготви а потоа и поднесе иницијатива за изградба на спомен обележје во Велес посветено на сите жртви на коронавирусот.
„Споменот на нашите сограѓани кои ги загубија животите како последица на невидливиот убиец не треба да запре туку напротив во знак на нивно сеќавање сметам дека нивните имиња треба да бидат испишани на спомен обележје што ќе се наоѓа во нашиот град. Тоа ќе го сторам како граѓанин на Велес, штом заврши пандемијата, за да ја намалам болката на нивните семејства и секако заедно да одбележиме дека изгубивме многу вредни луѓе“, рече Коциќ.
Тој исто така предочи дека во 2021 година, со финансиска поддршка од државниот буџет и дел што Општина Велес ќе го обезбеди преку задолжување, ќе и овозможи на локалната самоуправа да ја започне долго очекуваната изградба на централниот Градски пазар. Додаде дека државата обезбедила средства и за изградбата на водоводот до селата Бузалково и Раштани, првиот како проект што се реализира додека втор што е во фаза на започнување.
Преземено од duma.mk
Можеби ќе ве интересира: