Во синоќешниот упад на стотици поддржувачи на Трамп кои упаднаа во зградата на Конгресот на САД во Вашингтон. четири лица се убиени, соопшти полицијата во американскиот главен град.
По четиричасовна опсада на зградата на Конгресот, пратениците повторно се собраа да продолжат со сесијата за верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори. Вашингтон сè уште е под полициски час, а зградата на Капитол и околните улици се опколени од припадници на интервентната полиција.
„Фејсбук“ и „Твитер“ избришаа неколку објави на Доналд Трамп во кои, откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот, тој ги повтори тврдењата за украдени избори, ја нарече толпата големи патриоти и напиша дека ги сака. Покрај тоа, „Твитер“ му забрани на Трамп 12 часа да тивта и објави дека е можно трајно да му се забрани да објавува ако продолжи да поттикнува насилство. „Фејсбук“ му забрани на Трамп да објавува 24 часа.
Претседателот во заминување Доналд Трамп тврди дека изборната победа му била украдена од демократите. Не го призна поразот и со недели се обидуваше да ја оспори победата на Бајден, најпрво со лажни обвинувања за изборна измама а потоа и се обиде преку судовите да ја поништи неговата победа.
Со недели зборуваше дека 6 јануари, денот кога Конгресот треба да ги потврди резултатите од изборите, ќе биде денот на конечната пресметка и постојано ги поттикнуваше своите подржувачи да го продолжат протестот. Истото го направи и на вчерашниот митинг кој се одржа во Вашингтон. Пред него ја подгреаа Руди Џулијани и неговиот син Доналд Трамп Џуниор. Џулијани со пораката дека изборните несогласувања треба да се разрешуваат преку борба а Џуниор со повикот да се борат за својот претседател.
На крајот Трамп порача дека никогаш нема да го признаат поразот и ги повика присутните да маршираат до Капитол Хил, на 3 километри од местото каде што се одржуваше митингот.
Можеби ќе ве интересира: