Претседателот на велешки Борец и сопственик на Брако бара ново изборно собрание на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Велес, на кое Борец би добил свој делегат на претстојното изборно Собрание на ФФМ. Во интервју за Батали.нет, Анѓушев вели дека делегатите од ОФС Велес пред ФФМ мораат да ги штитат интересите на најголемиот фудбалски клуб од градот, наместо да даваат безрезервна поддршка за избор на актуелниот претседател на ФФМ Муамет Сејдини.
Првиот човек на Борец и негов главен спонзор вели дека со некои нефудбалски одлуки, ФФМ работи против велешкиот прволигаш, кој сезонава пројавил амбиции за пласман во фудбалска Европа. Анѓушев вели дека нема намера да поддржува делегати во ФФМ само поради нивните функции, а во исто време, тие нема да го заштитат Борец од неправдите. Доколку работите не се променат, тој најави дека ќе се откаже од Борец и без долгови, ќе му го отстапи на оној, кој што сака да го води.
„Има два излеза од сегашнава состојба. Првото е да направи Собрание како што треба и во ФФМ да се испратат претставници како што треба. Доколку сакаат да остане по нивно, бидејќи му ги ветиле гласовите за нов претседател на ФФМ на Сејдини, а при тоа да се работи против Борец, тогаш јас немам друго решение. Видете, ако јас престанам да финансирам, Борец ќе ги изгуби фудбалерите, тренерите, веројатно нема да се појавува на терен и ќе биде испратен во најнизок ранг на натпреварување. За да не се случи тоа, јас им нудам коректно решение – ако тие инсистираат дека толку го сакаат фудбалот, бидејќи Ракиџиев рече дека тоа било бизнис, нека дојдат и во рок од три дена до една недела јас ќе им го препишам акционерското друштво Борец без надокнада и без ниту еден денар долг“, рече Кочо Анѓушев.
Во интервјуто, Анѓушев се заблагодари на поддршката што, како што рече, постојано ја добивал, а упати и благодарност до навивачката група „Гемиџии“ која јавно застана зад него, а со тоа и зад иднината на Борец.
Целото интервју со Кочо Анѓушев можете да го погледнете на следниов линк:
https://www.facebook.com/batali.net/videos/504207993879840
Можеби ќе ве интересира: