понеделник, 24 јуни, 2024
Реклама

Полициски час од утре на цела територија на државата

Владата донесе одлука за воведување полициски час од утре вечер како најрестриктивна мерка за спречување на ширењето на корона вирусот.

Zito akcija 640x289px

„Вечерва на седница на Владата на Република Северна Македонија донесовме одлука за воведување најрадикални мерки со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните од коронавирусот. Од утре започнуваме со ограничување на движењето на сите граѓани (полициски час). Се забранува движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден! Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата“, рече премиерот Оливер Спасовски вечерва на прес конференција.

Agria

„Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање и само така ќе ги спасиме и народот и граѓаните. Животот радикално се промени и кај нас и во целиот свет. Одлуката е донесена врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести. Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица. Директорите на јавните здравствени установи да изготват список со лица кои имаат потреба од движење во полицискиот час и за нив ќе биде изработени специјални пропусници. Со забраната не се опфатени лица од Министерството за внатрешни работи, армијата, противпожарните екипи, и лица вработени во комунална хигиена“, кажа Спасовски во вонредното обраќање.

Спасовски кажа дека ќе се ограничи бројот на дежурните аптеки, пристапот до дежурни аптеки ќе се ограничи само на лица кои биле на преглед. Ќе се задолжат такси компаниите да направат дежурства со ограничен број возила за превоз до болници и аптеки, а таксистите ќе носат заштитна маска и ракавици. Се забранува јавен превоз за време на полициски час. Дежурните екипи на ЕВН, топлификација, водовод и телекомите смеат да се движат само дозвола. Директорите и управителите на погони и сите институции се задолжуваат да го прилагодат работното време согласно полицискиот час.

Во сила останува забраната за собирање во групи од повеќе од пет лица преку ден.

Погледнете ја целата прес конференција, на која премиерот Спасовски ја соопшти веста за воведување полициски час: