Поранешниот фудбалер на Борец, Панче Ќумбев, кој е актуелен претседсател на Синдикатот на фудбалери на Македонија, го повика сопственикот на „Брако“ Кочо Анѓушев да не им дава исписници на фудбалерите, за да може клубот да има играчки кадар, со кој би можел да го заврши тековното првенство, доколку се најде заинтересиран спонзор.
„Иако не сум со никаква функција во ФК Борец, со никаква функција во ОФС Велес, апелирам и замолувам. Ако веќе постоечкиот спонзорот на ФК Борец решил од негови лични причини да се откаже од клубот (клубот е акционерско друштво и не знам како некој ќе се откаже од она што е негово 100% во акции), замолувам да не ги ослободува играчите на ФК Борец од обврските кон клубот, затоа што имаат важечки договори. Да му се даде време на градот, клубот и луѓето што го сакаат Борец да се пронајде решение да се излезе од оваа ситуација. ФК Борец оваа година има ваучер од државата од преку 100 илјади евра и со тие пари постоечкиот фудбалски кадар може да функционира до завршување на сезоната. Ако моменталниот спонзор го сака Борец нема да им дава на играчите слободни документи и без обештетување да заминат од клубот. Луѓето што работеа во Борец (до пред 3 години во фк Гемиџии) до сега за пари, очекувам и сега да работат во Борец за без пари, оти нели Борец е Велес а Велес е Борец. Борец не се сака само на зборови и кога има пари, Борец се сака и кога е во криза и во проблеми“, напиша Ќумбев на својата фејсбук страница.
Борец остана без спонзор, откако денеска Брако преку соопштение информирање дека нема да продолжи да го финансира клубот, поради недоразбирањата со ОФС Велес и ФФМ. На денешниот состанок по пријателскиот натпревар со Тетекс, Анѓушев им кажал на играчите дека се ослободени од обврските и дека можат да бараат нови клубови.
Можеби ќе ве интересира: