Ветераните на Борец на состанок со првиот човек на Брако Кочо Анѓушев утрово договорија да го преземат клубот и да продолжат со работа. Анѓушев се согласи да им го предаде акционерското друштво без долгови и без надокнада.
За во понеделник е закажан состанок со играчите, на кој ќе биде присутен и Анѓушев, а ќе се разговра за иднината на фудбалерите, односно ќе се бара заеднички јазик, тие да останат во клубот.
„Имавме конструктивен состанок со господинот Кочо Анѓушев, на кој се договоривме клубот и формално-правно да ни го предаде, за што сме му благодарни, но му изразуваме огромна благоданост за се што направи за Борец досега. Уште денеска ќе ги информираме играчите дека тренажниот процес продолжува. Веќе се обезбедуваат услови за нормално функционирање на клубот”, рече Марјан Нацев, кој треба да биде новиот претседател на акционерското друштво.
Освен Нацев, на состанокот беа присутни и поранешните играчи на Борец Благој Петров и Зоран Петковски и претставникот на навивачката група Гемиџии, Марјан Грумбаровски.
За месец-два Борец треба да го добие ваучерот од Агенцијата за млади и спорт, чиј износ треба да покрие добар дел од платите на фудвалерите.
Оптимизам има и кај играчите на Борец, кои се најзасегнати од новата ситуација, но се подготвени да му помогнат на клубот да излезе од кризата, во која западна, откако пред два дена досегашниот сопственик Кочо Анѓушев се повлече, незадоволен од односот на ОФС Велес и ФФМ кон клубот.
Можеби ќе ве интересира: