
Претставниците на фотографската и видео дејноста во земјава формираа Комора. Здружени, апелираат дека и тие се погодени од пандемијата, дека се колатерална штета од ограничувањата за работа на угостителските објекти, дека е загрозена нивната егзистенција и дека државата ги заборавила. Затоа, како што соопштија денеска, бараат да бидат опфатени со петтиот пакет антикризни мерки.
Според Комората, голем дел од нејзините членки се микро и мали претпријатија со мал број вработени, еден до пет, па само со отпуштање на еден вработен не ги исполуваат условите за користење на владините мерки и условите за поволните кредити од Развојната банка.
Поради откажаните настани и намалената работа,повеќето дуќани ги отпуштиле вработените, дел ги ставиле фирмите во мирување, а некои ги затвораат претпријатијата.
“Пратени се барања за средби до соодветни министерства од каде очекуваме покани за средба на кои сакаме да дискутираме за следните наши барања: да бидеме опфатени во петтиот пакет економски мерки како една од најзагрозените стопански дејности, да добиеме континуирана финансиска помош за исплата на плати до завршување на пандемијата и до изготвување протоколи за свадби и организирање на настани кај угостителите, со финансиската помош за исплата на плати да бидат опфатени и отпуштените вработени кои на овој начин ќе се вратат на работа, да добиеме директна неповратна финансиска помош – грант за сите чинители во дејноста, достапност на фотографската и видео дејноста до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на ликвидноста на правните субјекти, како и повластена стапка на ДДВ од или на фотографската и видео услуга за правните субјекти кои се ДДВ обрзници” изјави претседателот на Комората, Миле Спасов.
Комората бара и да и се овозможи да издава лиценци за фото и видео дејноста за да се стави ред во фелата и да се спречи нелојалната конкуренција.
Можеби ќе ве интересира: