И бизнисмените и просветарите бараат да се укине задолжителното средно образование. Тоа се покажа како непродуктивно, бидејќи голем дел од учениците залудно го трошат времето. Наместо тоа, потребни се пракси, кои ќе ги остручат младите луѓе на занаетите, за кои во земјава има се помалку кадар. Велешанецот Трјаче Трајков е сопственик на керамичка компанија. Вели дека во своето работење со соочувал со ситуации, кога матурант кој завршил средно електро, не бил способен да врзе ниту сијалица.
„Не може да биде средното образование задолжително. Под итно мора да се донесе закон, да се прекине да мора да биде задолжително. средното образование. Не го бива. Ти ќе бидеш работни, најобичен работник. Нема ти да имаш диполома од средно образование. Зошто ти е таа диплома? Да ја мафташ, да покажуваш дека имаш некаква диплома? А со сила те натерале да завршиш“, рече Трајче Трајков, сопственик на Хемија комерц од Велес.
Државата се обидува преку дуалното образование да го надомести недостигот од обука на учениците во стручните училишта. Но, проблеми има и таму, велат директорите на средните школи. Бројот на ученици во една паралелка е преголем, што се одразува на квалитетот на наставата, велат тие.
„Според нашето мислење, во стручно образование, каде што на учениците треба да им развиеме способности за работа, вештини, не може тоа да го правиме со 34 ученика. Подобро е да се намали бројот на ученици во паралелка. Тогаш повеќе ќе се обрне внимание на учениците, ќе имаме повеќе слобода да работиме со нив“, смета Маја Хеско, директор на ССУ Димитрија Чуповски, Велес.
Сепак, дел од велешките компании, како Брако и Маркарт, имаат позитивно искуство од дуалното образование и соработката со средното училиште „Коле Неделковски“. На надлежните им порачаа да го намалат бројот на ученици на пракса, за да можат поквалитетно да им се посветат на практикантите. Нивните барања ги слушна и министерката за образование Мила Царовска, која вети дека годинава струките во училиштата ќе се договараат со компаниите.
„Со години наназад по инерција се отвораат паралелки или струки, а сега, на некој начин, се обидуваме компаниите да предложат колкав број од учениците можат да ги примат кај себе, на одредена феријална пракса или преку дуалните паралелки да имаат можност учениците што поголем број часови да поминат во компаниите, а притоа училиштето да се прилагоди и да отвори профили кои ќе се школуваат од следната учебна година“, рече Мила Царовска, министерка за образование и наука.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски го повтори ставот дека училиштата мораат да се прилагодат на потребите на реалниот сектор, оти во спротивно ќе се соочат со неатрактивност, која во иднина може да доведе до згаснување на школите.
Можеби ќе ве интересира: