Ако на 8 март 1911 Клара Цеткин го организираше првото одбележување на меѓународниот ден на жената како симбол во борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, денеска таа битка се уште е активна. И на осми март 2021 година жените се борат за своите права во општеството.
Во пракса светот нема утврдено еднакви, демократски права за двата пола. Секоја година,овој ден е како потсетник дека жените честопати се помалку ценети за својот труд и земаат пониски плати за исто работно место.
„Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да го спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде. Мал е и бројот на жени на раководни позиции, помалку се платени жените. Затоа, сметаме дека е потребно е да се обезбеди рамноправно учество на жените во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот.“ – велат од ССМ.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија, Здружението на бизнис жени и Федерацијата на фармери покренаа иницијатива за формирање на посебен фонд за финансиска поддршка на женското претприемништво.
„Во услови на пандемија, кога значително се променети условите за работа, женското претприемништво претрпе сериозни последици кои за жал не се комуницираат од институциите, а поддршката е недоволна и многу често недостапна за претпријатијата во сопственост на жени.“ – велат од ССК.
Истражувањата и кај нас и во светот велат дека се уште нема еднаква позиција на жената во сферите на одлучување, вели за тв 24 Савка Тодоровска, претседател на Национален совет за родова рамноправност.
Улогата на жените лидери, особено во градењето на мирот и спречувањето конфликти, е клучна во постигнувањето просперитетни и мирни општества и гаранција за зајакнување на нашите демократии, стои во честитката на ОБСЕ по повод Меѓународниот ден на жената. Кај нас, Денот на жената го честитаа и од власта и опозицијата. Премиерот посочува дека борбата за правата на жените и девојките почнува од секој од нас поединечно. Од опозицијата пак порачаа – Бидете горди што сте жени.
Извор: Телевизија 24
Можеби ќе ве интересира: