Состојбата со Ковид-19 во Прилеп е критична. Ова денеска го оцени Кризниот штаб и побара заострување на мерките, полициски час од 19 часот, како и скратен и редуциран јавен превоз од утре, а од граѓаните се бара голема совесност и одговорност.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната прес-конференција, прва по неговото закрепнување од ковид-19, рече дека состојбата со болеста во општината е алармантна и крајно загрижувачка.
„Во Општата болница ‘Борка Талески’ во Прилеп се хоспитализирани 89 лица од кои 77 се на кислородна поддршка. Дополнително во дневната болница се лекуваат 92 пациенти . Во последните 24 часа за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а имаме и 5 починати во последните 24 часа“, рече Јованоски.
Јовановски кажа дека полицискиот час треба да почнува три часа порано бидејќи во периодот од 19 до 22 часот има најголем број дружења, собирања по дома и излегувања по кафулињата.
Кети Смилеска, директорката на Градската болница „Борка Талески”, вели дека болницата ќе отвори петти ковид оддел, а за една недела во функција треба да биде ставена модуларната болница со 35 легла.
„Во тек е реорганизација на болницата. Покрај постојните ковид центри на Инфективното, одделенијата за уво, нос и грло, во интерното и во гинекологија, во тек е постапката да се оспособи и очното одделение како ковид центар. Се оспособува модуларната болница која ќе понуди 35 слободни кревети. До четврток ќе заврши доводот на електрична енергија, а до крајот на неделава и доводот за кисолород и се надеваме од наредниот понеделник да биде во функција за пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација. Во моментов има слободни 28 легла во другите одделенија. Медицинскиот кадар максимално е ставен на располагање, но го повторувам апелот до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да може колку-толку да го штедиме медицинскиот персонал кој работи на крајот на своите сили”, изјави Смилеска.
Од утре, во Прилеп се редуцира и автобускиот превоз кој во помал број ќе сообраќа само до 18 часот. На пазарите ќе има ковид штандови за дезинфекција на раце, а секој кој ќе дојде без маска нема да биде пуштен.
Во моментов во Прилеп има вкупно 804 активни случаи, а во болницата се хоспитализирани 89 лица, од кои 77 се на кислородна поддршка. Само за едно деноноќие, за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а починале 5 лица.
Можеби ќе ве интересира: