Нема играње во детските паркови низ Велес. Поради состојбата со коронавирусот, општината ги затвори со заштитна лента и ги забрани за користење. Освен тоа, со лента се оградени и спортските терени, но и патеката околу езеро „Младост“, летниковците и другите јавни површини низ градот. Целта е да се редуцира движењето на граѓаните, како мерка за заштита од ширењето на КОВИД-19.
„Апелираме до сите граѓани да не се собираат и да не ги користат овие рекреативни зони“, велат од општина Велес.
Од општина Велес потсетуваат дека согласно Одлуката на Владата, целосно се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, се интензивираат и контролите на полицијата и армијата.