(ФОТО) Стариот велешки театар оставен на негрижата, мета на вандализам

Скоро седум години од отворањето на новата велелепна театарска зграда во Велес, изградена по сите светски стандарди на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, старата и напуштена, исто толку години е оставена на негрижата. Таа секој ден сè повеќе надворешно и внатрешно се руинира и остава грда слика на околината и буди жална слика на велешани за едно не така дамнешно, убаво минато.

Zito akcija 640x289px

Старата зграда која секој ден се повеќе пропаѓа и се уништува, освен што е оставана на временските влијанија се почесто е мета на поедини вандализми однадвор, а во последниве месеци се уништува и внатре.

Agria

Деновиве кога од МИА ја посетивме, врататa од која се влегува од фоајето во салата беше отворена, а не обиена. Никој немаше внатре, а сликата беше стравична и како од хорор филм, насекаде расфрлани архивски материјали од репертоарот на театарот меѓу кои и од далечната театарска 1959/60 година, флаери и реквизити и се она што со не било однесено од театарските работници при селидбата во новиот театар.

Таму имаше и други предмети, што укажува на тоа дека внетре во неа некој и престојувал или престојува во темната сала. Влезот кон салата беше темен и предизвикуваше неизвесност и страв. Темната сала за публиката со сцената беше со дрвени столови, кои подоцна беа реновирани со убаво црвено кадифе. Делови од кадифето од столовите имаше расфрлано по фаојето што оставаше грда и тажна слика при помислата на некогашната, иако стара, но пристојна и убава сала за публиката. На велешани кои се вљубеници во театарот и на секој кој барем еднаш бил на една претстава во стариот велешки театар, самата помисла в миг буди убави спомени.

Елизабета Јовчевска секретар на Општина Велес, а во чија сопственост на локалната власт е старата зграда на театарот, за МИА информира дека пред еден месец полицијата ги известила за вандализмите внатре во зградата на стариот театар, а нивна екипа од Општина Велес направила увид.

На констатација на МИА дека вратата на театарот пак е отворена како со клуч и дека вандализмот врз инвентарот, архивата и се вредно преостанато продолжува, таа појаснува дека полицијата овојпат не ги известила.

Од тимот на театарот ништо не знаат за состојбата на стариот театар, затоа што тој веќе не е во нивна надлежност.

Тие велат дека театарската зграда не е во нивна надлежност, но ветуваат дека ќе преземат сепак нешто да спасат од расфрланата преостанатата богата архива на театарот и други преостанати реквизити, костуми и друг инвентар.

Сашо Димоски в.д директор на театарот за МИА, изјави дека за жал старата театарска зграда не е во нивна надлежност и дека не се информирани за состојбите во зградата.

„Во секој случај ви благодарам што ни укажавте на состојбата и дека таму има се уште од архивата на театарот и ние ќе преземеме нешто, тоа што е преостанато да биде земено и заштитено“, најави Димоски.

Локалната власт првично сакаше да ја пренамени зградата, потоа најави дека ќе ја урива и гради станбено-деловна зграда.

Претходната локална власт уште во 2014, сакаше првично старата театарска зграда да ја реновира и да ја пренамени за невладините организации со посебни потреби, но потоа планот се промени.

По напуштањето на ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од старата во новата театарска зграда, тогашната локална власт уште во 2014 година најпрво најавуваше дека објектот ќе го пренамени за невладините организации кои работат со лица со посебни потреби. Но една година потоа во јуни 2015 година откако стручњаци проценија дека е невозможно руинираниот објект да се реконструира, локалната власт најавуваше дека објектот ќе се  руши и на негово место ќе се гради четирикатна станбена зграда со деловен простор во приземјето.

Тогашниот градоначалник Славчо Чадиев најавуваше дека општината ќе ја продава парцелата на која се наоѓа старата театарска зграда, но при тоа ќе ги услови идните сопственици дел од просторот во приземјето да им го преотстапат на оваа категорија граѓански здруженија.

Локалната власт конечно од Владата ја доби во сопственост старата театарска зграда

Од локалната власт за МИА, информираат дека од пред еден месец зградата на театарот од страна на Владата конечно им била дадена во трајна сопственост која што во претходните години им беше дадена само на користење.

„На предлог на градоначалникот Аце Коцевски, а со акт од Советот, старата театарска зграда треба да се пренамени, односно да се сруши и на нејзино место да се изгради станбена зграда со деловен простор во приземјето“, најави Јовчевска.

Градоначалникот Коцевски уште пред неколку години со доаѓање на власт, најавуваше дека зградата на стариот велешки театар ќе ја руши заедно со реновираното фоаје и дека на тоа место ќе се гради станбена зграда на четири ката со деловен простор во приземјето.

Но засега ништо од најавите, а старата зграда се повеќе се руинира и претставува опасност за жителите во околните куќи и згради.

На прашање на МИА на една од последните прес-конференции, дали сепак ќе го зачува од рушење фоајето на театарот кое беше реновирано пред 15 – тина години и кое беше во одлична состојба, а истото да се пренамени за ликовни и други изложби промоции и културни настани, Коцевски беше дециден во својата одлука и одговори дека сè ќе сруши што значи сè заедно со фоајето на театарот.

Актерите со многу емоции и убави сеќавања за стариот театар

Слободанка Чичевска, една од актерките која скоро повеќе од 30 години ги помина на сцената на стариот театар со кој е емоционално поврзана, бидејќи и буди многу спомени и носталгија за старите убави времиња, кога иако во скоромни услови со голем ентузијазам работеа по цели денови и со неколку претстави.

Таа информира дека се започнувало рано со театарот за децата од градинките, па потоа за учениците од велешките училишта, па проби со младите театарски групи и навечер со претстава за возрасните, а театарот секогаш бил преполн со публика и се барало карта повеќе.

За МИА вели дека иако била многу среќна кога пред седум години се селеле во новиот најсовремен штотуку изграден Народен театар, за кој цел живот мечтаеле, таа сепак била и многу тажна, поради разделбата со стариот.

Таму и се многуте убави спомени од младоста поминати на сцената, а сега напуштена секојдневно се повеќе се руинира и пропаѓа и која наскоро со целиот стар театар ќе биде срушена.

Таа ни појаснува дека кога се селеле од стариот во новиот театар ги земале само костумите од последните претстави, а кои ги префрлиле на репертоарот на новиот и дел од ахивата,  но останале постарите костуми и голем дел од архивата, а која требало дополнително да се пресели, но тоа за жал се уште не било сторено.

„Пред една година отидов во страриот театар да си земам од моето биро некои преостанати работи, перика некои текстови, се беше влага и мувла, беше страшно и жално. Многу работи ни останаа таму од архивата и жалосно е што многу од тоа е уништено“, вели Слободанка со носталгија по стариот театар.

Со носталгија и убави спомени за стариот велешки театар спомени евоцираа и други од актерите од кои дел се веќе во пензија.

Велешани со носталгија се сеќаваат на добри стари театарски времиња во стариот театар.

Катерина Петрова, која живее блиску до стариот, се потсетува дека немало претстава која не ја гледала.

„Секоја нова претстава беше празник за мене и моето семејство редовно одевме и одиме во театар. Стариот театар иако стар имаше одлична акустика и се слушаше секое шуштење и сè она што беше на сцена подеднакво исто како од првиот до последниот ред. Старата зграда која сега ни пропаѓа пред нашите очи многу не растажува. Воедно и не загрижува што вака оставена сè повеќе станува место и мета за сомнителни групи, а ние како соседи до неа сме загрижени и за својата безбедност“, потенцира Петрова.

Автор: Антоанела Димитриевска

Извор: МИА

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: