Репрезентацијата на Македонија ги одработи подготовките пред историскиот деби-настап на Европското првенство. Денес, дојде време за националниот табор да се упати кон Букурешт, каде што в недела се игра првиот натпревар против селекцијата на Австрија. Со посебен дрес-код, Македонија со стил отпатува на Европското првенство, максимално почитувајќи го овој историски настан.
Веќе речиси две седмици македонските фудбалери тренираа во главниот град на земјава, а сега комплетни отпатуваа за Романија. Игор Ангеловски на располагање ги има сите 26 репрезентативци кои ги одбра, откако викендов во тимот се врати и Енис Барди кој беше позитивен на ковид-19. По направени тестови на ковид-19, резултатите се негативни на сите членови на експедицијата, што може само да радува пред големиот настан.
Репрезентативниот табор го одбра Букурешт и стадионот на Стеауа како тренинг база, па таму ќе ги доработи подготовките и ќе ги игра првите два натпревари. Подоцна, Македонија ќе се упати кон Амстердам за третиот натпревар против Холандија, но доколку коцките се поклопат и се пласира во нокаут фазата, тимот ќе се врати во Букурешт или ќе фати пат за Будимпешта или Лондон.
Можеби ќе ве интересира: