Македонскиот писател Милован Стефановски е годинешниот добитник на Рациновото признание. Оваа награда тој ја добива за наговиот најнов роман „Теорија за кучешката година“. Одлуката денеска ја соопшти претседателот на жири комисијата на Рациновите средби Христо Петрески, кој откри дека романот на Стефановски е избран за најдобар помеѓу 27 пријавени книги.
„Новиот роман „Теорија за кучешка година“е шести по ред роман на авторот кој се определува за исповедна наративна стратегија. Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта“, истакна претседателот на жири комисијата Христо Петрески.
Добитникот на Рациновото признание се заблагодари на жирито и на Општина Велес за наградата и рече дека огромна чест е затоа што наградата ја добива во сериозна конкуренција од 27 книжевни дела, кои пристигнале на конкурсот за Рациново признание. Стефановски рече дека возбудата за наградата е иста како онаа, кога пред 43 години добил признание на Струшките вечери на поезијата.
„Ми претставува особена чест што ја добив оваа голема награда особено поради тоа што е во чест на големиот Кочо Рацин. Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација претставува еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме ние вљубениците на пишаниот збор“, истакна Милован Стефановски.
Организацискиот одбор во состав Аце Коцевски, претседател и членовите проф. Кристина Николовска, проф. Људмил Спасов. Проф. Гоце Ристовски и проф. Стефани Андреевска, донесе одлука почесното Рациново признание за афирмација и популаризација на македонската литература и култура, надвор од границите на Република Северна Македонија да се додели на Ала Генадјевна Шешкен, руски славист и македонист од Руската Федерација.
„Престижната награда ја добива за нејзината промоција на македонски јазик, книжевност и литаратура како редовен професор на Московскиот Државен Универзитет „Ломоносов“. Ала Шешкен е автор на повеќе од 200 научни трудови од областа на македонсистиката и славистиката објавени во Русија и во други држави. Македонската Академија на науките и уметностите и го додели Меѓународното признание „Блаже Конески“ за посебен придонес во проучување и афирмација на македонската литература и македонскиот јазик“, истакна Коцевски.
Наградите на овогодинешните добитници ќе им бидат врачени на свечена церемонија што ќе се одржи во сабота во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, по повод 58. Рацинови средби, во чија чест ќе се одржи претставата „Петтото годишно време“.
Можеби ќе ве интересира: