Седумдесет и осум годишнината од загинувањето на револуционерот и поет, Коста Солев Рацин и годинава традиционално се одбележа со еднодневен планинарски Марш во чест на Рацин од Велес до Лопушник, Кичево, местото на неговото погибје.
Маршот го организираше еколошката групација „Грин Пауер“ од Велес со финансиска поддршка на Општина Велес, а на велешките екологисти им се придружија уште стотина други учесници од Здруженија на граѓани од Гевгелија, Куманово, Битола, Прилеп и Скопје.
Во чест на ликот и делото на Рацин, учесниците на маршот испешачија 22 километри во два правца, од село Извор до врвот „Стог“ на планината Лопушник и назад. Положија свежо цвеќе на споменикот на Рацин, а во негов спомен запалија свеќи на местото на неговото трагично загинување.
Пред да заминат за Лопушник, велешките учесници на маршот положија свежо цвеќе и пред спомен бистата на Кочо Рацин во центарот на градот.
И годинава „Маршот за Рацин“ траеше само еден ден поради состојбата со пандемијата, со помал број на учесници и почитување на сите заштитни мерки и протоколи.
Коста Солев Рацин загина на планината Лопушник, кичевско, на 13 јуни 1943 година, во несреќен случај, кој до денес не е целосно расветлен. Според официјалната верзија, Рацин бил наглув, па движејќи се низ шума каде што била сместена партизанската печатница, не го слушнал повикот да застане од неговиот соборец кој чувал стража, па бил застрелан.
Можеби ќе ве интересира: