64-годишната велешанка, која пред три дена почина како последица од коронавирус, била вакцинирана со две дози против ковид-19. Таа била хоспитализирана во велешката болница минатиот петок, со сатурација од 83 проценти. И покрај тоа, нејзината ќерка Менче Лазаревиќ вели дека ништо не наговестувало дека нејзината мајка може да почине. Таа се жали на односот на дел оо медицинскиот персонал во велешката болница, кој што, според неа, бил груб и непрофесионален.
„Во 17:30 часот бев таму, на вториот кат од задната страна на Инфективното одделение и ја прашав сестрата како е мајка ми. Одговор не добив, туку ми се развика што барам јас таму, дека треба да одам доле да ми кажат, а таму немаше никој. Ми рекоа да се јавам на телефон и ќе ми кажат. Последен пат ѕвонев во 22 часот и ми рекоа да се јавам следниот ден, бидејќи сега не давале информации. Мајка ми не го дочекла следниот ден. Воопшто не не известија дека таа е во критична состојба. Ги прашавме зошто не била приклучена на респиратор, но одговор не добивме. Кога ги прашавме зошто не била испратена во Скопје, ни кажаа дека немало слободни кревети и дека поради влошувањето на состојбата не можеле ништо да направат. Мајка ми нема да ја вратиме, но барам да ми одговорат зошто во болницата нема респиратори и како се случи пациентка вакцонирана со две дози да почине. Нели вакцината штити од смрт? Кој е оној кој одлучува кој пациент ќе замине во Скопје, а кој не?“, прашува Лазаревиќ.
Содржината продолжува под рекламата
Нејзината мајка е првиот починат пациент од Велес, кој бил вакциниран против ковид-19 со две дози. Од велешката болница велат дека пациентката била донесена во потешка состојба и дека се преземени сите мерки според протоколот за лекување, но откако имало подобрување, состојбата нагло и се влошила.
Содржината продолжува под рекламата
„Пациентката е донесена на Инфективно одделение во петокот, во потешка општа здравствена состојба, со ниска сатурација, веднаш е поставена на кислородна поддршка и состојбата и се подобрила. Во неделата ноќта дошло до нагло влошување на состојбата на пациентката, со брз и неповолен клинички тек на болеста, што, за жал, и се случува кај некои од овие пациенти. И покрај сите превземени мерки од страна на дежурен доктор, настапила смрт во доцните часови. Пациентите кои ни се критични и дозволува времето и состојбата, се препраќаат на Клиниките во Скопје на интензивно лекување, каде што таму докторите одредуваат што понатаму. Во овој случај имавме нагло влошување на состојбата, што всушност и не ни дозволи простор и време за транспорт“, рече др. Елеонора Јованова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.
Од почетокот на пандемијата до денес во Велес од ковид-19 починаа 190 граѓани, а стотици беа хоспитализирани во велешката болница. Огромен дел од нив јавно сведочеа за професионалниот однос на лекарите и медицинскиот персонал во болницата, но има и такви, кои за смрт на нивни близок, ја обвинуваа болницата и нејзините вработени. Досега во ниту еден случај инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не утврдија пропусти во лекувањето.
Можеби ќе ве интересира: