Почитувани,
Изразуваме најдлабоко сочувство и жалење за вчерашната трагедија во Тетово. Нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите жртви во вчерашниот пожар. На повредените им посакуваме брзо оздравување.
Во врска со вчерашната трагична несреќа во модуларната КОВИД болница во Тетово, а поради зголемениот интерес на јавноста, но и како одговор на и одредени шпекулации кои се појавија во дел од јавноста, би сакале да информираме за следното.
Нашата компанија, која работи по највисоките стандарди за квалитет, е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери на споменатата модуларна болница, а во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската Банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика.
Во оваа прилика сакаме да напоменеме дека забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, а кои се споменуваат од дел од медиумите, беа во најголем дел од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата, а уредно беа отстранети во зададениот рок а пред пуштање на болницата во употреба.
Повикуваме целокупната документација за техничкиот прием да биде објавена од страна на надлежните институции.
Нашата компанија ги повикува сите истражни органи, што побрзо да ги расчистат сите околности околу овој трагичен настан, и да излезат со детали од истрагата. Компанијата стои на располагање за стручна помош, информации и соработка со сите надлежни институции, а со цел да се разјасни случајот во најкус можен рок.
На крајот, згрозени сме од манипулациите со овој случај и апелираме и повикуваме, оваа трагедија и губитокот на човечки животи, да не се користи како средство за дневно политички и лични препукувања.
Брако е компанија која работи повеќе од 20 години и е доминантно извозно ориентирана за светксите пазари и извезува во 42 држави, меѓу кои Шведска, Велика Британија, Холандија, Белгија, САД итн. каде исто така се бараат и почитуваат највисоки стандарди. Најостро ги демантираме сите шпекулации чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија, а не откривањето на вистинските причини за трагичниот настан.
За сите нови сознанија или информации навремено ќе ја информираме јавноста.
Со почитБРАКО ДОО
Mожеби ќе ве интересира: