СДСМ ги загуби изборите во Велес. ВМРО ДПМНЕ ја порази досегашната власт со речиси двојно повеќе гласови и кај кандидатот за градоначалник и кај листите за членови на Совет. Сепак, ако се направи длабинска анализа на резултатите и ако се споредат со оние од локалните избори пред четири години, ќе се види дека ВМРО ДПМНЕ не регрутирал нов контингент на гласачи, туку СДСМ двојно го изгубил своето гласачко тело. Дел од нив најверојатно гласале за Левица, но голем дел воопшто и не излегле да гласаат. Затоа е и малиот процент на одѕив, само околу 50% или речиси 6.000 гласачи помалку во однос на локалните избори во 2017 година.
Да тргнеме со ред. На изборите пред четири години, кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Славчо Чадиев освои 12.293, што е само 87 помалку од гласовите кои ги освои Марко Колев сега, но сепак тогаш Чадиев ги загуби изборите од Аце Коцевски уште во првиот круг. Причина за тоа е многу поголемата излезност тогаш, која изнесуваше 64% или 5,840 повеќе излезени гласачи од последните локални избори, но и слабиот резултат на тогашниот трет кандидат Гоце Чушков, кој освои 287 гласови, па така, сите останати гласови отидоа на контото на Коцевски, кој оствари одличен резултат, кога за него гласаа 15.962 велешани или 53,51% од сите кои гласале.
Содржината продолжува под рекламата
Само четири години подоцна, социјалдемократите загубија дури 8.178 гласови. Ненад Коциќ освои 7.789 гласови или 32,46% проценти од оние кои излегле да гласаат. Во ситуација кога голем дел велешани не беа мотивирани да излезат и да го дадат својот глас некому, ВМРО ДПМНЕ со своето стабилно гласачко тело, успеа да го повтори резултатот од пред четири години и од пораз во прв круг, сега го претвори во победа во прв круг.
Содржината продолжува под рекламата
Каде отидоа гласовите на СДСМ?
На овие избори уште еднаш се потврди тезата дека, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ има нестабилно гласачко тело, кое од избори на избори се менува драстично. Речиси секогаш при мала излезност, последиците од тоа ги трпи СДСМ, бидејќи токму неговите гласачи се тие кои не излегуваат на гласање. Така беше и сега, со оние речиси шест илјади гласачи, кои на овие избори, споредбено со оние од 2017-тата, решија воопшто да не излезат на гласање. Ако на сето тоа се додаде и резултатот на кандидатот на Левица Златко Арсов, кој освои 2.314 гласови, се чини дека, и овие гласови од контото на СДСМ пред четири години, сега се прелеаа на контото на Арсов.
Пирова победа на листата за членови на Совет или коалиција со ДУИ или Левица?
Кај гласањето за листите за членови на Советот на Општина Велес, резултатите се слични. Но, малата излезност на овие избори го погоди и ВМРО ДПМНЕ, кој загуби 1.603 гласови, споредбено со изборите во 2017 година. Сепак, најголем губитник и тука е СДСМ. Од 14.357 советнички гласови во 2017 година, сега успеаја да соберат едвај 7271 глас, што е двојно помалку.
Малата излезност и тука одигра клучна улога. Иако има помалку гласови од 2017 година, ВМРО ДПМНЕ на овие избори освои 11 советници, колку што имаше и во претходниот мандат, но не успеа сама да обезбеди мнозинство. Немотивираноста на гласачите најмногу ја почувствуваа кандидатите од советничката листа на СДСМ. Нивниот катастрофален резултат, кој е двојно помал од оној од пред четири години, ги спушти на осум советници или четири помалку од претходниот мандат. Оваа стагнација кај гласовите на листите за советници најмногу ја искористи Левица, која со своите 3.113 гласови или дури три пати повеќе од 2017 година, освои три советнички места и стана најголемиот фактор за тоа, кој ќе има превласт во Советот.
Секако, изненадување е и резултатот на ДУИ, кој успеа да освои доволно гласови за да добие еден советник, кој и тоа како ќе биде важен, посебно за ВМРО ДПМНЕ, со чија поддршка, победничката партија би можела да го добие мнозинството. Поради ова, пребројувањето и преговорите за коалиции ќе бидат интересни како никогаш досега во Велес. Сепак, роковите за жалби до ДИК се уште траат, па можни се и промени во гласовите, од кои најголема корист би имал ВМРО ДПМНЕ, чии 12-ти советник има многу близок Донтов коефициент со советникот на ДУИ.
Сето ова покажува дека граѓаните не се најзадоволни од тоа како СДСМ ја водел локалната власт во последните четири години. Сепак, тоа што ВМРО ДПМНЕ не доби повеќе гласови од изборите во 2017 година, може да се сфати како „укор пред исклучување“ за СДСМ. Но, во оваа ситуација, „укорот“ за нив во Велес ќе биде четири години опозиција. Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ доби шанса, по четири години, повторно да го води градот. Сега граѓаните очекуваат од нив реализација на преку 213 проекти кои ги ветија, но и крај на партизацијата на локалните институции, која без исклучок, е присутна сите овие 30 години од осамостојувањето до денес.
Можеби ќе ве интересира: