Практично решение за дилемата – што да правите кога детето има бесни испади

Dete jade zelencuk
Dete jade zelencuk

Кога чувствувате дека проблемите се приближуваат – вашето дете почнува да се жали и да шмрка, да кука – внесете малку забава во вашата прошетка/шопинг, што и да правите. Зачудени, погледнете некаде во далечината и извикнете нешто како: „Мајко мила, дали е тоа жирафа во супермаркетов?!“

Zito akcija 640x289px

Психологот и семеен советник Катарина Јовановиќ им дава совети на сите родители кои се нашле во непријатна ситуација нивното дете да беснее на јавно место.

Agria

Дали некогаш сте слушнале за терминот „страшни двајца“? Буквално преведено – ужасни две. Се однесува на две години, поточно на двегодишни деца и на тоа дека бесните напади, т.н. тантруми обично се јавуваат кај деца на возраст под три години.

Зошто тогаш? Главната развојна задача на оваа фаза во растењето е созревањето на самоконтролата, а родителите се тука да го поттикнат и поддржат ова созревање. Тоа би значело дека барањата на родителите за самоконтрола на детето стануваат се побројни, или барем би било добро да биде така. Една од првите задачи во таа смисла е детето да се навикне на нокшир, односно одење во тоалет, а има и други: детето да спие во креветчето, ако не спиело до тогаш, убаво да седи на масата, да јаде тоа што јадат другите, да спие во одредено време итн.

Бидејќи дотогаш најмногу ги разгалувавме нашите миленици и внимававме да не им падне ниту влакно од главата, овие барања ги фрустрираат и лесно доведуваат до излив на гнев, раздразливост и пркос.

Доколку родителите се несигурни, неконзистентни и импулсивни (да не речам нервозни) во овој период, тие ќе го забават развојот на самоконтрола кај своето дете.

Каде грешиме?

Што да правиме кога конфликтот ќе ескалира, особено кога се случува јавно, „надвор од домашен терен“? Каде грешиме?

Една од најчестите грешки е тоа што реагираме лошо, без претходно да пробаме ништо друго. Како планирате да контролирате двегодишно дете ако не сте во позиција да се контролирате себеси?

Друга вообичаена грешка е да објаснувате, објаснувате и објаснувате. Дали сакате некој да ви објаснува нешто кога сте лути како рис? Секако дека не ви се допаѓа. Тогаш зошто децата би го сакале тоа?

Третото е дека се молиме, поткупуваме, ветуваме. Покажавме слабост и децата повеќе не не доживуваат како поддршка.

Четврто е дека се закануваме „залудно“. Нема да добиеш бонбони кога ќе се вратиме дома, нема да играш со пријателите, нема да гледаш цртан филм, ќе добиеш ќотек.. Да, да, сигурно.

Петто е дека попуштаме и даваме се што ќе побара, само да се смири.

Знаете, нешто од ова може да го смири вашиот врескач, но ништо нема да даде добри резултати на долг рок. Наместо тоа, пробајте нешто друго.

Превенција

Наоружајте се со смиреност. Бидете нереално смирени. Колку повеќе расте отпорот на вашето дете, толку повеќе треба да расте вашата смиреност. Ако не можете барем да изгледате смирено, колку и да врие во вас, не ви препорачувам да влезете во рингот со бесно двегодишно дете.

Да почнеме со превенција.

Кога чувствувате дека проблемите се приближуваат – вашето дете почнува да се жали и да шмрка, да кука и да одолговлекува – внесете малку забава во вашата прошетка/шопинг, што и да правите. Зачудени, погледнете некаде во далечината и извикнете нешто како: „Мајко мила, дали е тоа жирафа во супермаркетов?!“ И замолете го вашето дете да ја најде. А потоа завршете со шопингот барајќи ја жирафата.

Друга опција е да му доверите на вашето дете неверојатно важна задача – да го носи вашиот чадор затоа што раката страшно ве боли и ви треба помош… Потоа цело време заблагодарувајте му се што е толку добар помошник. Децата сакаат да не задоволуваат. Го уништуваме ова со текот на времето.

Како да се поставите?

Ако навреме не сте пробале со триковите за пренасочување на вниманието и вашето преслатко бебе се претвори во избезумен врекач, прво вдишете длабоко, а потоа пробајте го трикот со жирафата. Ако детето се фати на мамката, одлично, завршете го тоа што сте го планирале максимално ефикасно и трчајте дома.

Ако не се фати, туку продолжи да вреска, да се фрла и слично, ве молиме не влегувајте во расправија со двегодишното дете!

Земете го детето за рака и тргнете кон дома. Да, ќе се кара, можеби ќе продолжи да вика. Смирено кажете: „Гледам дека си лут, ајде, да си одиме дома“. Слободно бакнете го детето во косата или во раката и после тоа – молчете. Не го гледајте во очи. Не објаснувајте. Не критикувајте. Не се заканувајте. Само молчете, одете мирно, со темпото на вашето дете, не покажувајте дека сте вознемирени.

Ако детето се смири, не го прашувајте „што ти стана“ или некоја слична родителска глупост. Детето не знае што му се случило, ова само ќе го предизвика неговиот гнев и се ќе се повтори. Однесувајте се како ништо да не се случило.

Кога ќе се случат вакви работи дома, чучнете покрај вашето дете, кажете му дека гледате дека е луто и дека ќе се дружите кога ќе се смири, а потоа гледајте си ја работата. Или барем изгледајте така.

Важно е да не го наградуваме несоодветното однесување на детето со дополнително внимание. Кога детето ќе се смири, прегрнете се, галете се, разговарајте. Ова игнорирање можеби ви изгледа како груб метод, но не е. Нашите малечки треба да научат дека нивната задача е да се справат со своите чувства – тоа се нарекува самоконтрола. Недоволната и неефикасна самоконтрола е еден од главните предизвикувачи на многу нарушувања во подоцнежниот развој на детето.

Се разбира, децата не се среќни кога нешто им негираме, кога им наметнуваме правила, кога ги казнуваме. Но, проблемот не го предизвикуваат децата, туку ние родителите. Изгледа дека современите родители си поставиле сосема нереална воспитна цел – детето да им биде секогаш среќно – така што тие се откажуваат и од ускратување и од казнување и од правилата…

Не е крајот на светот ако вашето тригодишно дете сè уште мочка во пелени, но петнаесетгодишник кој не научил да толерира фрустрација и да го одложува задоволството навистина може да го погоди светот, барем вашиот дел од светот.

Добро, треба да ги чуваме нашите деца. Но, ако само ги чуваме од се и сешто, кој ќе ги воспита?

Извор на веста: majkaidete

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: