Наместо на своите работни места, педестина работнички од велешката фабрика за полнење маслинки „Олив пак“ од утрово се на протест пред фабриката. Се жалат на невозможни услови во кои работат. Веќе шест години добиваат плати под законски гарантираната, а велат дека работат и за викенд и празници, кога често се жртви на мобинг од страна на претпоставените. Раскажуваат дека раководителите им се обраќаат со погрдни зборови и кога ги бараат своите права им се закануваат со откази.
Содржината продолжува под рекламата
„За што и да сакаме да се обратиме, не сака да не слуша. Не третира најдолно што може. Само ни мафта со раката, велејќи – губи се“, раскажува Рената Јаневска, работничка во „Олив пак“.
Содржината продолжува под рекламата
„Картичките тие ни ги чукаат, не ни дозволуваат сами да го правиме тоа внатре. Не знаеме дали сме отчукани на апаратчето кое го регистрира работното време. Работиме и делници и празници“, се надоврза Сања Митевска, работничка во „Олив пак“.
Содржината продолжува под рекламата
Работничките се жалат и дека не им се исплаќа болегување, кое законски им следува.
„Јас бев меѓу првите кои се заразија со ковид-19. Поради тоа директорот сакаше да ме избрка од работа, но не успеа, оти матичната лекарка веќе ми беше отворила боледување. Сепак, иако таа ми рече дека законски треба да добијам цела плата, не добив ништо“, раскажа Роза Унчевска, работничка во „Олив пак“.
Сите овие прекршувања, работничките ги пријавувале во трудовиот инспекторат, но велат дека досега немало резултат.
„Често пати работиме заклучени. Сме се јавувале на трудовата инспекција во Скопје да пријавиме, им велите дека ќе ги пречекаме на патот и ќе ги донесеме да видат што се случува, но иако ни ветуваат, не доаѓаат. Сме виделе инспектори кои, кога ќе дојдат, влегуваат кај директорот и со полни торби маслинки си заминуваат“, рече Рената Јаневска, работничка во „Олив пак“.
Фабриката Олив пак е странска инвестиција. Вработените раскажуваат дека работа имаат постојано, а по неколку шлепери месечно со полнети маслинки се товараат за Грција. Во кругот на фабриката и денеска камион чекаше да биде натоварен. Но, никој од раководството не се појави да даде став за барањата на вработените.
Во телефонски разговор, директорот Ивица Ангелов рече дека фабриката е во тешка финансиска состојба и дека со овој протсет вработените оделе сами против себе, оти можеле да го разлутат странскиот газада и да се замине од државата. Од друга страна, вработените не отстапуваат од барањата, да добијат К-15, кое раководството требаше да им го исплати до 31 декември.
Според последната информација, директорот Ангелов на работничките им ветил дека утре ќе се исплати дел од регресот за годишен одмор. Во исто време, оОд Трудовата инспекција велат дека ќе ги проверат наводите на вработените.
„Ве известуваме дека по поднесената иницијатива од Ваша страна ќе се изврши вонреден инспекциски надзор кај посочениот правен субјект ‘Олив пак’ и за утврдената фактичка состојба и преземени мерки за утврдни неправилности ќе бидете благовремено известени“, рече Оливера Лазаревска, раководител на одделение за работни односи во Државен инспекторат за труд.
Можеби ќе ве интересира: