Советничката група на СДСМ од Велес го обвини градоначалникот на Велес Марко Колев дека, како што велат, врши притисок, се заканува и уценува директори на јавни институции во градот. Советничката на СДСМ Милица Ристовска Темелковска на денешната прес конференција рече дека Колев, во својата канцеларија повикувал функционери и заедно со актуелниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ од Велес, им се заканувале и ги уценувале.
Содржината продолжува под рекламите
„Дали градоначалникот на Велес, Марко Колев во присуство на општинската организација на ВМРО ДПМНЕ повикува одговорни лица и директори на јавни институции во градот во својата канцеларија во Велес и заедно со актуелниот пратеник им се закануваат и ги уценуваат? Дали градоначалникот Колев знае дека уцената и заканата се кривични дела и дека се одговара по закон? Дали знае дека врши кривично дело – злоупотреба на службена должност? Која е улогата на пратеникот од ДПМНЕ во канцеларијата на Колев? После незаконското бркање на тројца вработени од Општина Велес, за што е поведена судска постапка, Колев продолжува со злоупотребата на службена должност, со вршење притисоци врз вработените во јавните институции“, рече Милица Ристовска Темелковска, советничка од СДСМ.
Содржината продолжува под рекламата
Градоначалникот на Велес Марко Колев вели дека не може да ги разбере советниците на СДСМ за што го обвинуваат.
Содржината продолжува под рекламата
„Тоа е истата реторика од пред локалните избори. Јас сум фокусиран на работата и многубројните проблеми кои ги наследив“, рече Колев.
На прозивките одговори и пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Игор Здравковски, кој на својата фејсбук страница ги отфрли обвинувањата како лажни. Според него, нормално е пратеник и градоначалник да соработуваат во интерес на граѓаните на Велес, но рече дека секој функционер кој се огрешил пред законот, ќе одговара.
„Не е нормално ако нема соработка и комуникација помеѓу пратеник и градоначалник. Целта на двајцата нас е подобар, просперитетен и развиен Велес, и благодарение на довербата од граѓаните имаме должност и обврска да соработуваме и лобираме по институциите за исполнување на обврските кон граѓаните. Во однос на обвинувањата дека некој вршел притисок кон одредени носители на функции на јавна дејност целосно ги отфрлам, но ветувам, ќе се погрижиме секој еден од нив кој се огрешил пред законите ќе одговара за своите постапки пред институциите на системот“, напиша Здравковски.
Можеби ќе ве итересира: