Во јануари лани Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изброја 323.503 корисници на пензија. Ни малку не беше лесна година за сите граѓани, а камоли за пензионерите кои освен што половина од нив имаат месечни примања до 14.000 денари, мораше да внимаваат и да не се разболат од корона поради и така хроничните болести со кои живеат. Како и да е, на крајот на годината 2021-ва Фондот забележал 5.067 пензионери повеќе отколку на почетокот на годината. Според последната статистика за декември лани во земјава бројот на корисници на пензии изнесува 328.570.
Просечната јануарска пензија изнесувала 15,650 денари. Согласно законското усогласување што се врши според движењето на индексот на трошоците на живот најниските пензии добија покачување за 134 денари, а просечната пензија за 185 денари. Во декември статистиката на ПИОМ забележала дека просечната пензија во земјава изнесува 15,876 денари.
Најголем дел од пензионерите во земјава ја стекнале пензијата по основ на работно право и нивниот број изнесувал 322,349 на почетокот на минатата година. По основ на воено право со пензија се обезбедиле 1,065 пензионери и по земјоделско право 89 пензионери. Состојбата во декември 2021 година изгледа вака: 327,535 пензионери се стекнале со пензија по основ на работно право, 961 воено право и 74 земјоделско право. Податоците говорат дека пораснал бројот на пензионери со примања обезбедени врз основа на работно право, а се намалиле кај воените пензонери и по основ на земјоделско право.
Најдобра пензија и во 2021-ва година продолжуваат да имаат воените пензионери. Во просек примањата на овие пензионери на почетокот на минатата година биле 22.951 денар. После нив се пензионерите со старосната просечна пензија која изнесувала 16.895 денари. На крајот на годината со усогласувањето просечната воена пензија се покачила на 23.108 денари, додека старосната на 17.140 денари.Кај најниската просечна пензија земјоделската промената изнесува 97 денари, односно во јануари таа изнесувала 8,167 денари, додека во декември 8,264 денари.
Извор на веста: pari.com.mk
Можеби ќе ве интересира: