Владата, на денешната 8. седница, донесе одлука да продолжи важноста на мерката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи, како што се: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и од 3,5 %, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини, соопштија владините служби.
„Со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени што се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на големо и во трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст (акциски попуст/снижување/распродажба) што важеле на 1 декември 2021 година. Оваа интервентна мерка на пазарот, која почна да се применува од 6 декември 2021 година, ќе продолжи да се применува до 28 февруари 2022 година“, е неведено во владиното соопштение.
На оваа седница Владата ја донесе Програмата за економски реформи (ПЕР 2022 – 2024), во која се идентификувани клучните предизвици што треба да ги зајакнат конкурентноста и растот на економијата.
Со усвоената Програма, следниот тригодишен период фокусот ќе биде ставен на зајакнување на човечкиот капитал за инклузивен развој, поттикнување зелена транзиција, како и подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија, нивна интеграција во глобалните вредносни синџири и формализација на економијата.
Новина во Програмата на економските реформи 2022-2024 се реформите во животната средина во делот на зелената транзиција, а кои се однесуваат на справување со цврстиот отпад и отпадните води. Еден од клучните предизвици се енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.
Можеби ќе ве интересира: