ЕУ денеска официјално ќе усвои санкции против Русија и регионите Донецк и Луганск, откако пакетот вчера беше одобрен од Советот на министри за надворешни работи.
Санкциите треба да стапат на сила попладнево откако ќе бидат објавени во службениот весник на ЕУ, објаснуваат во Брисел.
Пакетот санкции е против 351 претставник на руската Дума и 27 поединци и ентитети вклучени во, како што се вели, незаконското признавање на сецесионистичките украински региони односно оние кои ги финансирале, одиграле улога во инвазијата и дестабилизацијата и воделе војна за дезинформации против Украина, вклучително и трговски санкции против Донецк и Луганск.
Пакетот денеска повторно беше разгледан од амбасадорите на земјите членки, кои до пладне треба да дадат зелено светло на финалниот текст.
Потоа следува известување на земјите-членки во писмена процедура, која треба да биде завршена до 15 часот, по што усвоениот документ за пакетот санкции ќе биде објавен во службениот весник на ЕУ.
Официјални претставници на ЕУ нагласуваат дека во овој случај, кој се карактеризира како продолжување на руското поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и како прекршување на меѓународното право, тие дејствувале брзо и обединето во усвојувањето санкции што ќе и наштетат на Русија.
Во Брисел додаваат дека ова е прв пакет санкции, како и дека ЕУ и нејзините меѓународни партнери се подготвени да воведат нови мерки против Москва, во зависност од развојот на ситуацијата на теренот.
Moжеби ќе ве интересира: