Осомничениот велешанец, кого полицијата вчера го уапси и го сомничи за разбојништво, утрово побегнал, откако полицајци го донеле на распит во велешкиот суд, дознава Батали.нет од извори во велешката полиција. Осомничениот побегнал кон Речани, откако пеш влегол во реката Вардар и ја преминал. Полицијата веднаш тргнала да го бара.
Потерата траела околу еден час, а бегалецот влегувал во неколку бавчи и се обидувал да се крие во викендичките и куќите во месноста Речани. На крајот, полицијата го опколила и го уапсила, а сведоци на настанот за Батали.нет раскажуваат дека слушнале најмалку еден истрел од огнено оружје.
Содржината продолжува под рекламата
Вчера велешката полиција соопшти дека против 32-годишниот У.Ф. поднела кривична пријава за „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик, откако на 06.04.2022 ја претепал и ја ограбил К.Н.(77) во нејзината куќа во месноста Дворови во Велес.
Содржината продолжува под рекламата
Според извори на Батали.нет, по неколкудневна потера, полицијата вчера го уапсила осомничениот разбојник, откако го пронашла како спие на таванските простории во куќа на неговата баба.
Граѓаните на Велес подолго време се жалат на зачестените кражбите и разбојништвата во градот. Пред неколку дена, жителите од левата страна на Вардар се организираа и испратија петиција до велешката полиција за нејзин поголем ангажман во обезбедување на редот, мирот и безбедноста на граѓаните. Полицијата деновиве влегла во трагата на разбојниците и крадците и, како што велат, прашање на време е кога сите ќе бидат уапсени и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Можеби ќе ве интересира: