Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Велес беше организирана акција во склоп на кампањата „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“.
Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски, само континуираните превентивни активности даваат резултат во безбедноста во сообраќајот.
„Бројките покажуваат дека откако ја започнавме кампањата за безбедност на пешаците, има значително намалување на бројот на загрозени пешаци, како и на бројот на прекршоци кои истите ги сторуваат. Заедничките активности на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност претставуваат добар пример за мултиресорска соработка во која секоја институција во рамките на своите овластувања и капацитети придонесува за квалитетен пристап кон решавањето на проблемите на граѓаните, во случајот безбедноста во сообраќајот“, рече деканот Дујовски.
Содржината продолжува под рекламата
Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска посочи дека целта на кампањата е да се подигне свеста за подобрување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците, но и на возачите кои треба да ги пропуштаат пешаците.
„Безбедноста во сообраќајот е заедничка грижа и треба заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот. Исто така, продолжуваме и со кампањата ,,Матуранти – млади возачи, почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот”. Кампањата е со цел потсетување на матурантите на последиците од несовесното управување со возило и укажување на неопходноста од крајна внимателност доколку за матурската вечер се одлучат да седнат позади воланот. Апелираме матурантите за време на матурските прослави да не управуваат моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол, а родителите да не им ги даваат на своите деца автомобилите туку подобро е тие да ги одведат до местото на матурската прослава и да го намалат ризикот од сообраќајни незгоди, рече Кожуваровска.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „Им благодарам на нашите партнери од РСБСП и Факултетот за безбедност. Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Само во месец април 2022 година имаме четири жртви, а во април 2021 имало 12, значи бројката е дури три пати помала во април 2022“, сооопшти Ангеловски.
Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Можеби ќе ве интересира: