Хрватската полиција потврди дека досега најмалку 12 луѓе го загубиле животот, а најмалку 43 се повредени во автобуската несреќа која се случи утринава во Хрватска, кога автобус со полски регистарски таблички, од засега непознати причини, излетал од автопатот А4 додека се движел кон главниот град Загреб.
18 од вкупно 43 повредени лица се пренесени во болницата во Загреб, по шест во КБЦ „Загреб“, клиничката болница во Дубрава, како и трауматолошката клиника, пренесува хрватски „Јутарни лист“.
Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, на прес-конференција соопшти дека информацијата за несреќата пристигнала од полска државјанка која била во автобусот, по што биле ангажирани сите надлежни служби кои, според него, реагирале навремено.
Инаку, иако засега нема официјални информации која е причината за несреќата, според неофицијални информации, најверојатно, возачот заспал при управувањето со возилото.
„Во несреќата загинале поголем број на лица кои биле тешко повредени. На местото на настанот заедно со полициските службеници од Вараждин и Загреб се ангажирани повеќе екипи од заводот за Итна медицинска помош од подрачјето на Вараждин, но и Загреб, како и пожарникари од двете жупании“, соопштија од хрватската полиција.
Полицијата е на самото место и започна со увидот, а можат да се забележат и голем број возила на Итната помош како и пожарникари кои помагаат во извлекувањето на патниците.
Можеби ќе ве интересира: