Вчера околу 21.30 часот кај местото Рајиќ близу Новска во Хрватска се судрија патнички и товарен воз и според последните информации, потврдено е дека загинале три лица, додека 11 се повредени.
Меѓу повредените има и неколку државјани на Иран. Загинатите се хрватски државјани.
„Околу полноќ биле донесени седум пациенти, двајца хрватски и пет странски државјани. Од лекуваните двајца пациенти се со тешки телесни повреди, а пет се со полесни повреди. Никој живот не е во животна опасност. Станува збор за коскена траума кај потешко повредените“, изјави за ХРТ, Марио Шпољар, дежурен хирург во Општата болница во Нова Градишка.
На местото на несреќата е присутен и Томислав Антун Бибер, главен истражувач за железнички несреќи од Агенцијата за истражување на несреќи во воздушниот, железничкиот и поморскиот транспорт.
„Очигледно е дека патничкиот удрил во товарниот воз кој бил во дефект. Според некои информации, патничкиот воз не застанал на сигналот за застанување“, изјави Бибер.
Како што дознава Индекс, патничкиот воз се движел со брзина од 100 километри на час кога налетал на неисправниот воз. Тој помина на црвено светло пред да удри во запрен товарен воз со полна брзина.
Премиерот Андреј Пленковиќ, по посетата на местото на тешката железничка несреќа во местото Рајиќ кај Новска, изјави дека според досегашните податоци, загинале три лица, а 11 се повредени. Од повредените според него никој не е во животна опасност.
„Неколку повредени лица се хрватски државјани, а неколку се странски“, потврди Пленковиќ, истакнувајќи дека информации за нив може да се добијат од Црвениот крст во Новска.
Тој не сакаше да зборува за идентитетот на загинатите пред да бидат проверени и најави дека жупаниското државно правобранителство од Сисак треба да излезе на терен да го утврди и соопшти.
„Во моментов се хоспитализирани 11 лица. Едно лице е во Пакрац, седум се во Нова Градишка и тројца во Славонски Брод“, додаде Пленковиќ.
Можеби ќе ве интересира: